Бајерн во поход по европската круна
Победа против Пари Сен Жермен во финалето на Лигата на шампионите, би значела и шеста титула европски првак за ФЦ Бајерн. Досегашните десет финалиња во ЛШ за Бајерн минаа со половичен успех.
1974: Победа против Атлетико Мадрид
Сеп Мајер го крева пехарот кон небото над Брисел, Франц Рот (втор од десно) скока од радост. ФЦ Бајерн првпат станува европски првак. Првиот финален натпревар против Атлетико заврши со, за Бајерн, среќни 1:1 по одиграни продолженија. Два дена потоа, клубот од Минхен победи суверено со 4:0.
1975: Победа против Лидс Јунајтед
Финале со зоврени емоции. Судијата не досуди пенал по јасен фаул од страна на Франц Бекенбауер, а потоа уште поништи регуларен гол на Англичаните. Бајерн победи со 2:0, а головите ги постигнаа Франц Рот и Герд Милер (д.).
1976: Победа против Сент Етјен
Третата победа за Бајерн во серија исто така не е славна. Противникот Сент Етјен е следен од пех, топката двапати ја погоди стативата на Бајерн. Франц Рот го постигна одлучувачкиот гол за минхенци во Глазгов од слободен удар. Бајерн победи со 1:0.
1982: Пораз од Астон Вила
Намуртени лица на Карл-Хајнц Румениге, Дитер Хенес и Паул Брајтнер (од л.) по финалето во Ротердам. Бајерн загуби од англискиот првак Астон Вила со 0:1. Овојпат тимот не само што нема е среќа, туку имаше и пех - доминираше на натпреварот, а не беше признат и регуларен гол на Хенес. Питер Вит го постигна победничкиот гол за Астон Вила.
1987: Пораз од ФЦ Порто
Повторно горчлива вечер за Бајерн - во Виена минхенци загубија од ФЦ Порто. И покрај тоа што водеа со 1:0, аутсајдерот од Португалија успеа на крајот на победи со 1:2. Погодокот на Алжирецот Рабах Маџер (втор од л.) со пета, со кој Порто изедначи на 1:1, влезе во историјата на фудбалот.
1999: Пораз од Манчестер Јунајтед
Уште полошо за Бајерн е во првото финале откако Лигата на шампиони настапи на местото на Купот на Европа. Се’ до 90. минута минхенци водеа против Манчестер Јунајтед со 1:0, а сепак на крајот во Барселона загубија со 1:2. Капитенот Штефан Ефенберг не може да сфати дека пехарот нема да се најде во негови раце.
2001: Победа против ФЦ Валенсија
Две години по драмата во Барселона, следува триумф во Милано. Откако по 90 минути, а и по 120 минути, резултатот против ФЦ Валенсија е 1:1, натпреварот е одлучен на пенали. Голманот Оливер Кан (на фотографијата со пехарот в раце) успеа да одбрани два удара.
2010: Пораз од Интер
Диего Милито (д.) им ја расипа вечерта на минхенци во Мадрид. Одбраната на германскиот првак едноставно немаше лек за Аргентинецот. Милито ги даде двата гола за Интер, натпреварот заврши со 2:0. Тренер на Интер тогаш беше Жозе Мурињо.
2012: Пораз од ФЦ Челзи
Не можеше да биде погорчливо. Токму на финалниот натпревар кој се играше дома, на Арената во Минхен, Бајерн го извлече покусиот крај против ФЦ Челзи. Во регуларниот тек на натпреварот беше 1:1, а така беше и по 120 минути игра. При шутирањето пенали, голманот Мануел Нојер прво одбрани, но потоа Ивица Олиќ не успеа да им даде гол на Англичаните, а Бастијан Швајнштајгер погоди во стативата.
2013: Победа против Борусија Дортмунд
Арјен Робен е избран за „играч на натпреварот“ на „германското“ финале во ЛШ, одиграно на стадионот Вембли во Лондон. Напаѓачот од Холандија во претпоследната минута го постигна победничкиот гол и Бајерн победи со 2:0 против Борусија Дортмунд. Тоа за тимот, чиј тренер беше Јуп Хајнкес, значеше и тројна победа - во домашното првенство, во Купот на Германија и во Лигата на шампиони.