Бајден до Русите: „Вие не сте ни непријатели“
16 февруари 2022Руски напад врз Украина „останува во голема мерка возможен“, но би имало „огромни“ човечки жртви, изјави американскиот претседател Џозеф Бајден. Во обраќањето од Белата куќа, кое беше емитувано на националните телевизии, Бајден рече дека САД се подготвени одлучно да одговорат.
Русија групираше над 100.000 војници во близината на украинската граница, поттикнувајќи страв од непосредна инвазија.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, рече дека дел од руските трупи се повлекуваат, но Бајден предупреди дека тоа не е потврдено.
„Рускиот министер за одбрана денеска рече оти некои воени единици ги напштаат своите позиции во близината на Украина“, потсети Бајден и додаде дека тоа би било добро „но, сѐ уште не сме го потврдиле тоа“. „Сѐ уште не сме потврдиле дека руските воени единици се враќаат во матичните бази“, наведе Бајден.
Тој додаде оти „всушност, нашите аналитичари сугерираа дека се во голема мерка во состојба на подготвеност.“ Бајден рече и оти треба да се дадат „сите шанси на дипломатијата“.
Повеќе: Русија и Украина: Хроника на една необјавена војна
Тој во кусата изјава наизменично праќаше сигнали за помирување и остри пораки. „Граѓани на Русија, вие не сте наши непријатели“, изјави тој и даде уверување дека ни САД ни НАТО не се „закана“ за Русија и порача оти постои вистински начин да се одговори на взаемната грижа за безбедност.
Американскиот претседател рече дека е „подготвен да одоговори“ на секој „асиметричен напад“ на САД и нивните сојузници во НАТО, што би можело да вклучи и сајбер напади. Бајден рече оти САД ќе го „соберат светот“ да се спротистави на руската агресија.