Бауцен е само синоним за тензиите во цела Германија
17 септември 2016Да, на истокот на Германија има пропорционално повеќе десен популизам и есктремизам отколку на западот. Да, се чини дека во покраината Саксонија е особено лошо. Дрезден е основната клетка и упориште на самонаречените Патриотски Европејци против исламизација на Оксидентот (Пегида), која има свои пандани ширум земјата. Јужно од Дрезден се наоѓа Хајденау. Таму во август 2015 година насилничка толпа се обиде да спречи сместување на бегалци. А, Бауцен уште во февруари годинава беше место од каде дојдоа грди слики, кога едно сѐ уште празно сместувалиште за бегалци гореше проследено со аплауз од насобраните посматрачи.
И, сега повторно Бауцен е местото каде се судираат десничари со малолетни бегалци. За луѓето кои имаат цврста претстава за светот и непријателите е јасно кој е виновен: или странците или десничарите. Но, работите се чини во никој случај не се толку едноставни. Затоа што има многу работи кои зборуваат во прилог на тоа дека во Бауцен во безредија завршува едно долго познато агресивно расположение меѓу различните милјеа. Оваа слика се создава кога ќе се направи напор да се собере сѐ она што го зборуваат различните страни - општинските политичари, полицијата, социјалните работници, научниците.
Досадата и фрустрацијата како забрзувачи на инциденти
Според нив, во Бауцен се судрија групи кои сѐ најразлични што е можно, но кои сепак имаат нешто заедничко: досада и фрустрација. Кога згора на тоа во игра ќе влезе и алкохолот, тоа брзо може да заврши со насилство. Во Бауцен одамна има вакви мешавини. Невработени млади кои безделничат на пазарите или во трговските центри може да се видат во целата земја. Бегалци, кои немаат ни перспектива, ниту социјални врски, исто така.
Во теснотијата на гратче со околу 40 илјади жители како Бауцен меѓутоа ним често им е потешко да се избегнат. Зашто повеќето и онака не бараат блискост заснована врз симпатија. И ова важи за цела Германија и надвор од неа. Јасно е дека вакви општествени рамковни услови се идеални за десничарските екстремисти заинтересирани за ескалација.
Беспомошноста е депримирачка
Преку социјалните медиуми може лесно да се испланираат акции. Неважно е дали тоа одиграло некаква улога во Бауцен. Но, има информации дека во безредијата учествувале и луѓе однадвор. И тоа не е нов, а особено не локален феномен. Депримирачка е широко распространетата беспомошност. Познавачите на сцената (каде и да се наоѓа таа) со години бараат подобри концепти. Дел од концептите треба да бидат поголемата понуда и рецепти за социјално слабите, за бегалците, но и за екстремистите.
Се разбира, има луѓе до кои сите мерки што се преземаат нема никогаш да допрат. Против нив, ако сториле кривично дело, државата мора да се бори со сѐ што законски ѝ стои на располагање. Но, првите превентивни мерки би можеле веднаш да се преземат. Меѓу нив се на пример забраната за конзумирање алкохол на јавен прстор. По ексцесите во Бауцен е воведена забрана за алкохол за младите бегалци, како и забрана за излегување по 7 часот навечер. Тоа е првиот чекор.
Наредните безредија се само прашање на време
Меѓутоа другите, а меѓу нив сигурно и многу десничари, и натаму можат да се пијанат среде град. Зошто? Само прашање на време, на прилика или на расположение е кога ќе се случат наредни безредија. Можеби повторно во Саксонија, повторно во Бауцен, но и на секое друго место во Германија. Познато е дека некои региони се особено подложни на непријателства слични на погром. Па сепак, Бауцен е само синоним за општествените тензии кои ги има насекаде. Кој ги затвора очите пред сето тоа, тој си ги поедноставува работите - премногу!