1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканските бригади на терористите на ИД

Штефан Озват (ард) / Елизабета М. Фиданоска16 септември 2014

Доаѓаат од Албанија, Македонија, Босна и Косово - повеќе стотици џихадисти се дел од Балканските бригади на терористичката организација Исламска држава (ИД). Тие се борат за тоа Балканот да стане дел од новиот „калифат“.

https://p.dw.com/p/1DDKf
Фотографија: picture alliance/AP Photo/Amel Emric

На една видео-снимка која кружи на Јутјуб е прикажан млад човек со брада, вооружен со калашников - Босанец на пат за Сирија. Специјалната полиција на БиХ пред неколку дена во рација уапси 20 осомничени џихадисти. Портпаролка на полицијата изјави дека „лицата се осомничени оти финансирале терористички активности, врбувале лица за терористички групи и регрутирале борци“.

Полициската акција во цела Босна беше крстена „Дамаск“. Неодамна, Босна и Херцеговина го заостри и кривичниот закон. Лице кое регрутира борци за џихад може да добие затвор во траење до 10 години.

„Имаме напредок“

Јасмин Ахиќ, професор на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии во Сараево, вели: „Во изминатите години Босна направи напредок во борбата против тероризмот. За тоа доби пофалби од различни страни. Напредок има и во законската рамка, како и во спроведувањето на законите. Имаме само 11 пресуди поради тероризам, но бележиме напредок.“

Во рамки на акцијата на специјалната полиција беше уапсен и човек кој пред три години планирал напад врз американската амбасада во Сараево. Еден атентатор самоубиец кој загина во Ирак неодамна е син на уапсениот.

„Никогаш нема да прифатиме хомосексуалност“

Шефкет Красниќи е имам во главната џамија во Приштина. Тој е образуван во саудиска Медина и важи за „човек што ги влече конците“ на исламистите во Косово. Тој застапува радикални ставови. Во една видео-порака, на пример, забранува прославување роденден.

Kosovo Festnahmen IS Kämpfer 12.08.2014
При една рација на средината од август беа уапсени повеќе од 40 КосовциФотографија: Reuters

Во парламентот во Косово најбројна е партијата која е копија на турската АКП. Надвор од парламентот атмосферата ја подгрева исламистичката партија ЛИСБА - против забрана за носење шамија во училиштата, против Западот, против хомсоексуалците. Еден од нејзините водечки луѓе е Фуад Рамиќи, поранешен муџахедин кој се борел во Босна. Тој вели: „ЕУ и западниот свет имаат христијанска основа. Не ни одговара се‘ што доаѓа оттаму. На пример, никогаш нема да ја прифатиме хомосексуалноста.“

При една рација на средината од август беа уапсени повеќе од 40 Косовци, а полицијата заплени експлозив, оружје и муниција. Сослушуван беше и имамот Красниќи. Повод за акцијата беше една хорор селфи-фотографија на 24-годишен борец на ИД од Косово, фотографија со обезглавување која се прошири преку Фејсбук. Кон фотографијата Косовецот имаше допишано: „Работиме како во косовската војна“.

Сиромаштијата како плодна почва

Косовската полиција во август уапси 40 лица под сомнение за тероризам, но што е плодна почва за него? Истражувачката новинарка Арбана Џара објаснува: „Ако отидете во селата, ќе видите - од децата родени во војната сега се израснати млади луѓе. Тие почнуваат да се молат. На тоа не може да им се забележи, но со овие навистина сиромашни луѓе може лесно да се манипулира. Ако секој месец им се даваат пари, тогаш можат лесно да се регрутираат за вакви групи.“

Повеќе стотици џихадисти ги формираат „Балканските бригади“ на терористичката организација „Исламска држава“. Балканот треба да биде дел од новиот „калифат“, така барем гласи визијата. Борците не познаваат граници - тие доаѓаат од Албанија, Косово, Македонија, Босна и Прешевска долина.

Против џихадистите сега властите преземаат прекугранични мерки, како во Албанија и Македонија. Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска вели: „Основавме заеднички, прекугранични тимови за борба против организираниот криминал и терористите. На тој начин ќе биде потешко да се прекршуваат законите.“

Предупредување пред „темпираната бомба“ со име исламизам

Џабир Хамиди, истражувач на исламот од Приштина, лично има запознато повеќе исламисти. Поради неговиот критички став бил претепан. Тој предупредува од опасноста од „темпираната бомба“ со име исламизам, кој добива поддршка од арапските држави. „Пред војната немавме проблем со тоа. По војната овде дојдоа хуманитарна организации кои сака да шират поинакво интерпретирање на исламот. Но, ние сме дел од Европа, а екстремните ставови се опасност за исламот, а и за нас муслиманите овде.“