Балканот ја губи вербата во ЕУ
13 мај 2021ЕУ и САД постојано повторуваат дека Албанија, Северна Македонија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија еден ден ќе станат членки на богатиот клуб, но во земјите на Западниот Балкан довербата во ЕУ е се помала, се наведува во интерен документ на Унијата чии детали пренесува агенцијата Ројтерс.
Притоа, Кина и Русија, чии трговски врски и инвестиции на Балканот се далеку помали од оние на ЕУ, го зголемуваат влијанието, успевајќи да ја претркаат ЕУ и во понудата на вакцини за регионот.
„Треба да признаеме дека и покрај постојаната посветеност кон интеграцијата во ЕУ... луѓето во регионот доживуваат чувство на длабока разочараност од процесот на проширување“, се наведува во документ на ЕУ кој на 5 мај им бил испратен на 27-те министри за надворешни работи на земјите-членки.
„Перцепцијата за задоцнета испорака на вакцини против Ковид-19 дополнително го нахрани наративот на разочараност“, се наведува во документот кој бил претставен на понеделничкиот состанок на министрите за надворешни работи, кои разговараа за Балканот, но не донесоа никакви формални одлуки.
По повеќегодишно занемарување на регионот, Хрватска во мај 2020 година организираше самит за да и даде нов поттик на интеграцијата на државите од Западниот Балкан.
Северна Македонија и Албанија требаше да ги започнат преговорите за членство уште минатата година. Но, Бугарија го блокираше напредокот на С. Македонија, поради јазичен и културен спор. Претходно, во 2019, Франција ги запре двете земји, изразувајќи скепса околу нивните напори за унапредување на демократијата и борбата против корупција.
Европската Комисија инсистира дека и Албанија и С. Македонија се подготвени и треба заедно да ги започнат преговорите. Но, министрите ни во вторникот не успеаја да постигнат компромис.
Преговорите за членство со Србија и Црна Гора, исто така се забавени, додека БиХ и Косово се уште немаат ни кандидатски статус.
„Широко распространета перцепција на Западниот Балкан е дека изгледите за членство се намалуваат и дека европската инспирација се губи во комплексните услови и процедури“, се наведува во интерниот документ.
ЕУ сега конечно испраќа 650,000 доази вакцини во шесте балкански држави, но дури откако Кина и Русија веќе дистрибуираа милиони вакцини во регионот.