Балканот помеѓу НАТО и ПЕСКО
8 февруари 2018Додека ја читате оваа колумна, во Берлин веќе ќе биде завршено претставувањето на годинешниот извештај на Минхенската Безбедносна Конференција, насловен како "До работ – и назад?”. Секое писание од оваа, денес можеби глобално највлијателна безбедносна групировка, заслужува внимателно следење на пораките и детално проучување на заклучоците. Во очекување на финалниот извештај, вреди накусо да се осврнеме на веќе објавеното сиже од наведениот извештај во кој се констатира "зајакнат ризик од неодминлив вооружен судир помеѓу Европа и Русија”, дека и покрај неволноста на НАТО за нова трка во вооружување со Русија, треба да се очекува "понатамошно влошување на безбедносната состојба во Европа”; дека поради поставеноста помеѓу ЕУ/НАТО од една и Русија од друга страна, земјите од средна Европа живеат во "атмосфера на оспорена безбедност”, како производ на "заслабената моќ на Европското источно партнерство”. И на крај, за нас најбитниот заклучок дека мали се шансите НАТО да прими нови членки во блиска иднина.
Извештајот од Минхенската Конференција доаѓа непосредно по објавувањето на Стратегијата на ЕУ за Балканите во која НАТО воопшто не се ни спомнува, што е битна назнака за слабеењето на досега неодминливата транс-атлантска спона во конципирањето на заедничката безбедносна политика во регионот. Токму затоа паѓа во очи нагласената констатација, позајмена од минатогодиншниот говор на Јункер дека "цврстата, мериторно заснована иднина за членство на Западниот Балкан во ЕУ е во сосема сопствен политички, безбедносен и економски интерес на Унијата.” Нагласената ексклузивност во придобивките на ЕУ од зачленувањето на Балканите е секако убаво срочена дефиниција на единство на континентот, која треба да даде полет и охрабрување на двете страни. Прашањето е дали реалностите во самата Унија се комплементарни со надежните визури и визии на извештајот од Минхен кој констатира дека "некои земји членки на ЕУ се изразено скептични за идната ЕУ интеграција, при што Унгарија и Полска се во директна конфронтација со Брисел. Додека пак Германија како вообичаена сила за ЕУ интеграција, е подолго време отсатна од дебатата поради домашни причини”. Иако не станува збор за ненадминлив расчекор во внатрешната кохезија на ЕУ, ваквите дилеми навестуваат дека дебатата за осамостојувањето на Европската безбедносна политика се сепак се уште во фаза на зародиш и далеку од целосна ефектуација на независна самопопределба од транс-атлантицизмот на НАТО.
Претходни колумни на авторот:
Еволуцијата на ЕУ
Желбата за сосема сопствена безбедносна политика на ЕУ е нормална етапа на еволуцијата на ЕУ, но и резултат на тектонските поместувања во односите со САД по победата на Трамп, како што претходно констатираа редица европски државници. Но односите во самата Унија, посебно од призма на редица евро-источни земји членки, упатуваат на тоа дека е претерано да се очекува дека НАТО во Европа би можела да тргне по судбината на СЕАТО (Манила Пакт) или ЦЕНТО (Багдад Пакт), посестримите на НАТО од Југо-Источна Азија и Блискиот Исток. Сплотено родени како западно-спонзорирани алијанси на спротивставување кон комунизмот, источните верзии на НАТО доживеаја неславен дебакл како последица на внатрешните несогласувања и дијаметрално спротивставени интереси на земјите членки. Во случајот со СЕАТО поводот за десолуција беше отцепувањето на Бангладеш од Пакистан, додека пак ЦЕНТО тргна по истиот пат по турската инвазија во Кипар и Исламската Револуција во Иран. Гледано во ретроспектива, и двете источни верзии на НАТО останаа како поука дека сојузите се минливи, но суверените интереси на земјите се константа.
Потсетувањето за таа аксиома на меѓународната политика неодамна дојде од еден од најгорливите поборници на проширувањето на НАТО кон истокот, поранешниот полски претседател Александар Квашњевски. Во интервју за украинските медиуми, Квашњевски ќе порача дека "Украина не треба да се залага за членство во НАТО, туку во се-европските одбранбени сили”. Предупредувајќи дека "што се однесува до НАТО, проблемот е комплициран (...) бидејќи сега Европа има потпишано документи за тоа како да ја организира безбедносната структура. Не треба да мислите дека тука е НАТО кој ќе помогне, туку организирајте ги Европските сили, бидејќи американската политика се менува, тие не се фокусираат само на Атлантикот, туку повеќе кон Азија.” Што се однесува до членствата на Украина и ставовите на Русија, Квашњевски укажува дека „членството на Украинa во ЕУ сепак би можело да биде прифатено, но што се однесува до НАТО, нивната (руска) позиција е тврда, бидејќи се против проширувањето на НАТО.”
Проникливите размислувања на Квашњевски се само дел од засега тивките дијалози низ Европа за безбедносниот паритет помеѓу континенталците и транс-атлантистите во обезбедување долгорочна и одржлива безбедност на континентот. Дијалози засилени со зародишот на ПЕСКО (Постојана структурна кооперација на ЕУ) како самостојна одбранбена структура на Европа која допрво треба да се акомодира со постоечката НАТО традиција и новитет отаде Атлантикот. Но и дијалози кои допрва ќе почнат да задираат и во нашите регионални и домашни промислувања за постоечките и можни идни безбедносни приоритети.
Атмосфера на збунетост?
Ненагласеното, но осетливо замирање на владината реторика во прилог на забрзаното членство на Македонија во НАТО како аргумент и поттик за решавање на спорот со името е се уште недоволно за вадење избрзани заклучоци. Подеднакво како што и мижењето пред надојдувачката неодминлива епизода за тоа "кон кое царство ќе се приклониме” ќе може да не спаси од концизно и јасно определување. Впрочем, реториката на одредени високи западно-европски дипломати во Скопје за тоа дека Балканот е сепак во Европа, а не во Америка, укажува на веќе дискретни потсетувања кои наликуваат на промислувањата на Квашњевски.
Делувањето на Владата на Заев е дополнителен фактор во прилог на атмосферата на збунетост која преовладува во јавноста. И покрај неколкуте средби со високи претставници на САД во рамки на регионални мултилатерални настани, забележително е отсуството на високи билатерални комуникации на кабинетот Заев со Белата Куќа, Стејт Департаментот и посебно Пентагон. За волја на вистината, упадливиот молк на САД во тековните драми кај нас укажува дека сепак не станува збор за унилатерален недостаток на интерес само од наша страна.
Но, досега клучниот аргумент во прилог на дилемата дали постои интерес во давање предимство помеѓу НАТО и ПЕСКО е пристапот во решавањето на спорот. Според објавениот план на Нимиц, она што паѓа во очи е изместувањето на решавањето на спорот определен со членство во НАТО и негова супституција со членството во ЕУ. Или како што наведува То Вима, предлогот на Нимиц е дека "до денот во кој земјата официјално ќе стане членка на НАТО треба да бидат преземени сите неопходни мерки за уредување на билатералните односи со останатите земји членки врз основа на новото официјално име." Но од друга страна, министерот Коѕијас децидно прецизира дека без промена на името нема членство во НАТО, поентирајќи „не е дека ние сакаме да ги внесеме во НАТО, туку дека самите го бараат тоа. Ние во преговорите го користиме фактот што тие сакаат да станат член на НАТО.” Навидум прозаичен одговор, кој не дава одговор на прашањето дали и Грција сака да станеме членка на НАТО, а со тоа и рамноправен сојузник на Грција како најстара земја членка на НАТО од регионот?
Алтернативни сценарија
Дека е нешто труло во процесот на одење кон НАТО се и зачестените изјави на Заев во кои сѐ повеќе се акцентира ЕУ, паралелно со алтернативни сценарија за можноста од недобивањето покана за членство. Каква што е и последната изјава од средбата со уредниците на поголемите медиуми во која Заев најавува постоење на План Б во однос кон името. Според кој, во случај на непостигнување договор, треба „да се почнат преговори со ЕУ и се продолжат преговорите со Грција и да се бара асоцијативно членство во НАТО”. Редослед кој ја нарушува досегашната вертикала на решавање на спорот преку првично членство во НАТО, а потоа во ЕУ, со што се дава приоритет на ЕУ пред НАТО. Но и редослед кој загрижувачки наликува на поуката на Квашњевски дека за Русија асоцијативните членства во ЕУ се сепак далеку поприфатливи од стигмата на членство во НАТО.
Одговорот на овие дилеми ќе го добиеме многу скоро, не подоцна од април кога се заклучува агендата на Самитот на НАТО. За кој барем досега – и според извештајот од Минхен и изјавите на Столтенберг– се уште нема индиции дека ќе биде Самит на проширување кон Македонија. Сосема можна непријатност која ќе подразбира дека и понатаму ќе тлееме во безбедносен вакум и регионално јаболко на раздор. Што и нема да биде некој новост и промена за земјата. За разлика од Владата на Заев која по дебаклот со НАТО аспирациите ќе треба да се соочи со последиците на ставање на сите надежи во надворешни членства како изговор за немањето одржлива домашна политичка понуда. Вклучително и можните дестабилизации на владините коалициски динамики.