1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бавна телевизија“ или плетење во живо

Ларс Бевангер/Б. Георгиевски9 ноември 2013

Телевизиските продуценти се убедени дека само брзината и акцијата можат да привлечат публика. Од една страна тоа е точно, но во Норвешка се сѐ попопуларни ТВ програми во кои не се случува ништо.

https://p.dw.com/p/1AECh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Продуцентите на норвешкиот јавен сервис НРК не можеа ниту да сонуваат дека нивната одлука со камера да го снимат седумчасовното возење со воз од Берген до Осло ќе значи почеток на нов телевизиски тренд: „Бавна телевизија“ т.е. "Slow TV".

„Сите и‘ се смеевме на таа идеја и се сложивме дека такво нешто некому може да му падне на ум само по забава која траела цела ноќ. Таквите идеи обично не преживуваат, но оваа успеа“, вели Руне Моклебуст, еден од главните продуценти на програмата.

Програмата се покажа како голем успех, достигна голема гледаност и предизвика цела низа слични проекти „бавна телевизија“. Најновиот проект, прикажан минатата недела се занимава со плетење и со сѐ што е поврзано со тоа. Траеше 12 часа. Моклебуст во разговор за ДВ признава дека целиот проект со возот бил налудничав и стравувал дека ништо нема да произлезе од тоа: „Што сторивме? Сега веќе нема назад- ќе емитуваме седумчасовно патување со воз“.

Неверојатен пресврт

Конечно, снимката од патувањето со воз беше емитувана во ударен термин, во петок навечер, на вториот канал на норвешкиот јавен сервис. Во исто време некои други телевизии емитуваа далеку поатрактивни содржини, па железничкото патување мораше да се бори за гледаност со емисии како „Икс фактор“. Но, уште додека течела програмата во режијата сфатиле дека се случува нешто неверојатно.

„Добивме повеќе реакции на социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук одошто за било која друга програма“, вели Моклебуст. Во нормални околности НРК2 ја следат околу 4 проценти од гледачите во Норвешка, но оваа програма привлече околу 15 отсто гледаност. Следниот, и уште подолг проект, влезе во норвешката историја како најгледана програма воопшто. Цели 134 часа беше следено сообраќањето на норвешкиот брод Хуртигрунтен околу целиот брег на земјата и емисијата ја виделе три милиони луѓе (во земја со пет милиони жители).

Следеа и нови проекти: целовечерна програма за дрва за огрев, нови патувања со железница... сите беа хитови меѓу гледачите. „Сите телевизии го забрзуваат темпото, но ние сакавме да прекинеме со тој тренд“, вели Лизе Мај Списој која е одговорна за најновиот проект, маратонска емисија за плетење. „Сакаме на луѓето да им дозволиме да ги завршат речениците кои ги започнале. Тоа не е обид да се промени начинот на кој фунционира телевизијата, тоа е додаток, нешто потполно поинакво од она што го гледате на телевизија. На луѓет очигледно им се допаѓа“, вели Списој.

Norwegen Slow TV Bahnstrecke
И самите автори не биле сигурни во својата идеја за патувањето со возФотографија: picture alliance/Samfoto/NTB/Scanpix

Телевизија за Скандинавци

Да се очекува дека милиони луѓе ќе гледаат како се плете џемпер делува чудно, но уредниците веруваат дека, доколку внимателно се одбере темата, сѐ може да се прикаже во таква брзина. „Го гледав патувањето на бродот Хуртигрунтен бидејќи ме интересира географијата, но и луѓето. Тоа ви дозволува да отидете подлабоко, да уживате во повеќе детали“, вели 76- годишниот Фин Лунде.

И емисијата за дрвата за огрев која траеше 12 часа, всушност беше тесно поврзана со животот во Норвешка во која многумина се занимаваат со преработка на дрва, а и самите трошат дрва за греење во текот на студените, долги и мрачни арктички зими.

Сепак, продуцентите на програмата за плетење се одлучија да „одат на сигурно“ и овојпат во емисијата да сместат и малку „акција“, за волја на вистината, не многу вртоглава. „Ќе се обидеме да влеземе во Гинисовата книга на рекорди“, објаснува продуцентката Вендла Блак. „Проектот се вика ’Од грб на грб’ и во него ќе се мери времето кое е потребно овчото крзно да се претвори во џемпер. Значи, колку трае стрижењето, предењето и конечно плетењето. Актуелниот рекорд е 4 часа и 51 минута и поставен е во Австралија“.

Иако и други земји експериментираат со „бавна“ телевизија, единствено во Шведска со успех се прикажува емисија која трае со часови, а во која се работело за ловци на лососи. Сепак, продуцентот Моклебуст е убеден дека тука не станува збор за некаква „скандинавска трпеливост“, туку за избор на вистинска тема.

Norwegen Slow TV Fjord
Фјорд во НорвешкаФотографија: picture alliance/Samfoto/NTB/Scanpix

Каде е врвот на „бавноста“?

„Се работи за патување со кое нашите гледачи можат да се поистоветат. И кога се работи за дрвото за огрев и кога се работи за плетење, сето тоа е длабоко вкоренето во нашата култура“,вели Моклебуст. Тој е уверен дека и американците масовно би следеле слична емисија за нивните национални паркови, или Германците- програма- патување со брод по Рајна, на пример.

Но, и самиот Моклебуст не е сигурен оти нема да претера со својата следна идеја. „Имам идеја која е толку чудна што станува интересна. Веќе е направена како уметнички проект во Берлин, но никогаш не е прикажана на телевизија. Се вика 'стандардно време' и тоа е само часовник на кој секоја минута се менува времето кое го покажува (слично како дигиталните часовници)“.

Руне Моклебуст смета дека тоа би била најчистата форма на „бавна телевизија“ која може да се замисли, а да може воопшто нешто да се забележи. Другата би била растење на тревата, но тоа е сепак друга категорија. Но со проектот со часовникот, Моклебуст верува дека луѓето „би седеле и би гледале како отчукува часовникот“.