1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Баварија: 900 патници со позитивни тестови - неинформирани

ЖА /ДВ
13 август 2020

900 лица по нивното враќање во покраината Баварија се позитивни на коронавирус, но тоа уште не го знаат. Пролонгираниот пренос на податоци предизвика илјадници луѓе уште да чекаат на резултатите од тестовите.

https://p.dw.com/p/3guDX
Deutschland Corona-Testmobil in Rehau
Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Armer

Баварскиот премиер Маркус Зедер денеска има средба со членовите на својот кабинет по тешкиот пропуст во корона-центрите за тестирање на автопатиштата. Зедер изрече остра критика откако министерката за здравство на Баварија, Мелани Хумл вчера објави дека 44.000 патници, тестирани на враќање во најголемата германска покраина, уште чекаат на своите резултати за Ковид-19, а 900 од нив се позитивни.

Маркус Зедер го откажа планираниот одмор на брегот на Северно Море, означувајќи ја ситуацијата за „многу, многу фрустрирачка."

„Ова мора да се поправи и не смее да се повтори. Сите структури мора да бидат проверени", напиша тој на Твитер.

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан застана во одбрана на Зедер, во интервју за јавниот сервис ЗДФ тој истакна: „Во вакви вонредни времиња се случуваат и грешки."

Министерката за здравство на Баварија, Хумл вчера соопшти дека најголем дел од патниците кои се враќале во покраината, а уште чекаат на резултати од Ковид-тестовите, биле тестирани во тест-станиците на баварските автопатишта. Министерството нема јасна слика дали се загубени проби. 

Патниците-повратници од 30 јули можат да се тестираат на коронавирус, со оглед што Баварија од почетокот на пандемијата ја има највисоката стапка на инфекции од сите сојузни покраини. Весникот „Зиддојче цајтунг" објави дека многумина патници се жалеле за доцно добивање на своите резултати од тестот.

Повеќе:

Исправка: Германски институт не очекува вакцина за коронавирусот наесен

Германија: Раст на новоинфицирани, 150 евра за неносење маска во јавен превоз

Високи казни за летувалците во ризични земји кои нема да се тестираат

Главната причина за ова, според министерката Хумл, е што до пред кратко податоците од тестовите рачно биле внесувани во табели на Ексел програмата на Мајкрософт. Покраинското министерство се обидело да го реши проблемот преку ангажирање дополнителен број соработници, „но бројот на тестови од ден на ден растел".

Првично, за податоците за коронавирусот биле одговорни соработници на хуманитарни организации, но подоцна тестовите сѐ повеќе ги преземаат приватни фирми. Хумл очекува во иднина тестовите да се одвиваат без никакви пречки.

Баварскиот Црвен крст објасни дека имал задача во еден ден да подигне пет тест-центри, а не била ставена на располагање никаква технологија, поради што резултатите од тестирањето морале да бидат рачно внесувани.