Ашраф Гани избегал од Авганистан по папучи и без пари!?
18 август 2021Авганистанскиот претседател Ашраф Гани им се обрати на луѓето во Авганистан со зборовите: „драги сонародници".
„При напуштањето на претседателската палата не успеав дури да ги соблечам папучите и да облечам чевли. Моите лични работи како книги, моите прибелешки и комјутерот не можев да ги земам.“ Во Обединетите Арапски Емирати наводно дошол „со празни раце“.
Претседателот во егзил не кажа каде се наоѓа конкретно во ОАЕ, но истакна дека бил принуден да го напушти Авганистан за да избегне крвопролевање и поголема катастрофа. Сакал по секоја цена да избегне ситуација како во Сирија и во Јемен, рече Гани, зборувајќи на Дари и на Пашту, два официјални јазици во Авганистан.
-повеќе:
Светот во дилема: Каков да биде односот кон талибанците?
Авганистанците во Германија ужаснати од ситуацијата во татковината
Авганистанските жени стравуваат од најлошото
„Се разбира, јас презедов одговорност да не се случи војна во Кабул, затоа заминав од земјата. Како што знаете, јас не се плашам од смрт ниту од презир“, изјави Гани, заблагодарувајќи им се на „сите авганистански безбедносни сили кои се грижат за безбедноста во земјата“, и порачувајќи дека наскоро ќе се врати во татковината, во која ќе владее мир.
Гани опиша како ги поминал последните часови и дека сѐ се одвивало многу брзо.
„Во неделата отидов сосема нормално на работа, а тогаш дојдоа моите телохранители и ми јавија дека стигнале талибанците и морам да го напуштам Кабул.“
Талибанците претходно ветиле дека нема да влезат во Кабул, пред договорениот термин за предавање на власта. Гани ги отфрли обвинувањата за бегство „со полни куфери пари“, тоа е само со цел да се извалка неговото име, тврди тој.
Претходно авганистанскиот амбасадор во Таџикистан, Мохамед Захир Акбар го обвини Гани за кражба на 169 мииони американски долари и побара негово апсење.
Според извештај на новинсакта агенција Ројтерс, Гани избегал од земјата со четири автомобили и еден хеликоптер полн со пари. На аеродромот очевидци гледале како помошниците на претседателот се обидуваат да наполнат што повеќе пари во хеликоптерот, но златото морале да го остават на пистата.