Ахмети бара преговори за последниот предлог на Нимиц
24 јуни 2013Унапредувањето на интегративниот процес на земјата влијае и врз меѓуетничките односи и Охридскиот договор како капитални достигнувања по 2001 година кој што очекуваат заокружување со зачленување на земјата во НАТО и ЕУ, порачал лидерот на ДУИ Али Ахмети на средбата со амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Брет, во Тетово.
„Претседателот Ахмети и амбасадорот Брет разговараа околу многу прашања од взаемен интерес, вклучувајќи ги и евроатлантските интеграции на Македонија, меѓуетничките односи, Охридскиот Договор, изборите во Албанија, договорот помеѓу Косово и Србија“, соопштија од партијата.
Брет се интересирал за патувањата на Ахмети во САД и во Германија како и за интензивните средби со претставници на меѓународната заедница.
„Претседателот Ахмети ја елаборираше потребата за постигнување на компромис помеѓу Македонија и Грција за прашањето со името како предуслов за интеграција на земјата во НАТО и започнување на преговори за членство во Европската унија“, соопштија од ДУИ.
Ахмети ја нагласил итноста на концентрација на сите напори од сите домашни и меѓународни фактори кон решавање на спорот и седнување на страните на маса за да разговараат околу последниот предлог на Нимиц.
„Унапредувањето на интегративниот процес на земјата влијае и врз меѓуетничките односи и Охридскиот договор како капитални достигнувања по 2001 година кој што очекуваат заокружување со зачленување на земјата во НАТО и ЕУ. Тоа е нашата волја затоа што тоа носи перспектива за земјата и регионот и овозможува економски развој“, рекол Ахмети.
Според него, договорот меѓу Приштина и Белград е значаен за целиот регион и ќе има влијание и во Македонија во однос на помирување на народите на 100 годишнината на Балканските војни.
Соговорниците разговарале и околу парламентарните избори во Албанија.