Ахмети бара помош од НАТО за името
15 јуни 2014Лидерот на Демократската унија за интеграција испрати писмо до генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен во кое наведува дека решението на спорот за името со Грција е многу значајно не само за Република Македонија, туку и за Западен Балкан, исто како што и договорот меѓу Косово и Србија влијаеше позитивно врз целиот регион.
„Ние остануваме ваш посветен партнер во постигнувањето на оваа цел и ја користам оваа прилика да повторам и да ја нагласам потребата за итното вклучување на меѓународната заедница во олеснувањето на процесот што е можно поскоро“, посочува Ахмети во писмото.
Сите постигнувања на Македонија по Охридскиот мировен договор, истакнува тој, се резултат на заедничката инвестиција на меѓународната заедница и на локалните лидери.
„Но, крунисувањето на сите овие постигнувања сериозно се отежнува од нерешениот спор за името со нашиот јужен сосед Грција што ги попречува нашите стремежи за членство во НАТО и ЕУ. За нас, НАТО нема алтернатива. Затоа, се сложувам со вас дека времето за НАТО е сега и дека се очекуваат храбри и визионерски одлуки од страна на политичарите затоа што само така се придонесува за одржлив мир, стабилност и сигурност, добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, како и економски развој“, посочува Ахмети во писмото до Расмусен.
Тој му се заблагодарува на Расмусен за средбата за време на неговата посета на Скопје на 22 мај, како и за неговото писмо од 2 јуни.