Ахмети бара активно учество од Брисел и Вашингтон
16 април 2015Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети бара директно вклучување на Европската комисија во дијалогот кој се води во Брисел меѓу претставниците на неговиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ. По денешната средба со амбасадорот на Европската унија во Скопје, Аиво Орав, лидерот на ДУИ рече дека почетокот на политичкиот дијалог во Брисел треба да се зајакне и да унапреди, за што поскоро надминување на политичката криза во земјата.
„Европската комисија треба директно да се вклучи со однапред одредена агенда за инволвираните страни, но исто така и да го следи судскиот процес кој ќе обезбеди кредибилитет и доверливост на сите страни“, смета Ахмети. Тој оцени дека и Вашингтон може да има конструктивна улога во охрабрувањето на страните.
По вчерашната втора рунда преговори зад затворени врати во Брисел меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, нема официјални информации за што е разговарано и дали е постигнат напредок. Единствено се најавува дека ќе уследи нова, трета по ред, средба меѓу претставниците на двете партии.
Во Скопје денеска и утре престојува американсккиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија Хојт Ји. Предвидено е за време на двоедневната посета Ји да се сретне со премиерот Никола Груевски, со шефот на дипломатијата Никола Попоски и со Народниот правобранител Иџет Мемети. Се очекува заменик помошникот државен секретар да одржи средби и со лидерите на опозициската СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети, како и со претставници на граѓанскиот сектор.
СДСМ за денеска најави објавување на нова „бомба“, овојпат во Охрид каде вечерва партија ќе одржи и митинг.