1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмадинеџад и Чавез- два брата

10 јануари 2012

Во спорот околу атомската програма на Иран, САД бараат помош од земјите во Латинска Америка кои деновиве ги посетува иранскиот претседател Ахмадинеџад. Таа сигурно нема да дојде од претседателот на Венецуела, Хуго Чавез.

https://p.dw.com/p/13gkH
Хуго Чавез и Махмуд АхмадинеџадФотографија: AP

Левичарскиот претседател на Венецуела Хуго Чавез и шефот на иранската држава Махмуд Ахмадинеџад вчера (09.01.2012) во венецуеланскиот главен град Каракас демонстрираа единство. Тие најавија продлабочување на пријателството и солидарноста меѓу нивните две земји и меѓусебно се нарекоа „браќа“.

Хуго Чавез истакна дека Иранците и Венецуеланците им припаѓаат на народите кои се нападнати, иако се залагаат за рамнотежа и за мир во светот. Ниту Иран со неговата исламска револуција ниту Венецуела со нејзината боливарска револуција некого нападнале или фрлиле бомби, истакна Чавез.

Ахмадинеџад пак ги отфрли како што ги нарече „империјалистичките“ обвинувања дека неговата земја создава атомска бомба. „Хегемонистичкиот систем“ во моментов се наоѓа во пропаст, истакна Ахмадинеџад мислејќи притоа на САД. „Затоа сега го покажува неговото агресивно лице и ги гази човечките вредности“, додаде Ахмадинеџад.

САД бараат поддршка од земјите од Латинска Америка

Владата во Вашингтон ги повика земјите- домаќини на петдневната латиноамериканска турнеја на Ахмадинеџад да го советуваат Техеран на разумност во атомската политика.

Ahmadinedschad zu Besuch in Venezuela
Фотографија: dapd

„ САД притоа замолуваат на иранското раководство јасно да му се стави до знаење дека тргнало по лош пат во дијалогот со меѓународната заедница за неговата спорна атомска програма“, изјави портпаролката на Стејт департментот Викторија Нуленд.

Таа порача дека во интерес на сите држави е Техеран да поднесе докази за мировниот карактер на неговата нуклеарна програма.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад е на турнеја Латинска Америка . Прва дестинација му е Венецуела, а предвидено е да ги посети и Никарагва, Куба и Еквадор.

Инаку Иран, вчера потврди започнал со производство на 20-процентен облагороден ураниум. Постапката се врши во атомската централа Фордо, на 160 километри југозападно од Техеран, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена. Западните држави реагираа со загриженост и критика. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави дека тоа е натамошен чекор кон ескалација.

Автор: Гример Томас/ Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски