1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Африн: Живот во смртен страв

Штефани Хепнер
25 јануари 2018

Во регионот Африн во северна Сирија е во тек офанзива на турската армија. За луѓето кои живеат таму ситуацијата е сѐ подраматична од ден на ден – бегство од регионот е речиси невозможно.

https://p.dw.com/p/2rUrk
Türkei beginnt Offensive Operation Afrin in Syrien
Фотографија: picture alliance/abaca/Depo Photos

Камал Сидо конечно доби говорна порака од сестра му. Семејството е добро, вели гласот во пораката. Но, ситуацијата таму е многу тешка. Семејството на Сидо живее во Африн, спорниот регион во северна Сирија.  И Сидо, сунитски Курд е роден и пораснал таму. Денес, овој референт за Блискиот Исток во „Организацијата на загрозени народи" живее во Германија. Од пред некој ден тешко може да оствари контакт со мајка му и сестра му во татковината: интернет конекцијата е прекината, телефонските врски едвај функционираат и се во прекин по секој напад.

Од саботата овој регион, кој е претежно населен со Курди, е под копнени и воздушни напади од турската армија. Целта на „Операцијата маслиново гранче" е разбивање на курдската милиција ИПГ којашто ја контролира областа и којашто турската влада ја смета за огранок на курдската партија ПКК.Раководството на ИПГ го негира ова.

Според независните набљудувачи од организациите за заштита на човековите права, од почетокот на офанзивата се загинати стотици лица, меѓу кои има и многу цивили. Армијата пак постојано нагласува дека нападите се исклучиво насочени против терористите, а дека населението е заштитено.

Повеќе на темата: 

Двоен удар - Ердоган во војна против Курдите и новинарите

Турска инвазија во Сирија: Напад врз најсилното оружје против ИД

Турција и сириската сложувалка

Загрозени изворите на вода

За над З24.000 луѓе кои се во областа, ситуацијата е многу поопасна. „Тие се смртно уплашени", вели Сидо. „Не постои начин повеќето луѓе да се засолнат за време на воздушните напади. Живеалиштата најчесто немаат подруми", вели овој историчар. Иако неколку новоизградени куќи имаат вградени бункери, поголемиот дел од становите немаат засолништа. Многумина поради тоа се кријат во пештерите на планините. Луѓето, исто така, стравуваат дека браната во Африн може да биде оштетена од страна на турските воздухопловни сили - намерно или случајно. Тоа би било вистинска катастрофа за жителите бидејќи тоа е единствениот извор на вода за пиење. Тие можат да ги полнат канистрите со вода на секои три дена. „Но ако овој извор биде нападнат, тогаш луѓето нема да имаат вода за пиење," вели Сидо за ДВ.

Животот таму е надвор од нормала: училиштата се затворени, медицинската помош е сѐ понедостапна. Луѓето од страв од воздушните напади не излегуваат на улица. И снабдувањето со храна ќе биде сѐ поотежнато. Тоа е случај и со семејството на Сидо, вели тој: „Залихите што ги имале им се веќе при крај, а сѐ потешко е да се набави храна." Во Африн цените се енормно покачени, бидејќи има сѐ помала понуда на производи, вели Сидо. „Единствениот пат кој води кон областа која е под режим и Алепо е опасен, трговците се плашат да одат натаму." Сѐ додека воздушниот простор таму не биде блокиран, патот нема да се користи.

Syrien FSA Kämpfer Angriff auf Afrin Operation Olivenzweig
Борци на Слободна сириска армијаФотографија: picture-alliance/abaca/B. El Halebi

Милитантни исламисти

Но нема страв само од турската армија. Страв предизвикуваат и милитантните исламисти кои се борат на страна на Турците за да ја протераат курдската милиција од важната погранична област. Ирфан Ортач, претседател на Централниот совет на Језидите во Германија, пред сѐ има недоверба во таканаречената Слободна сириска армија, која ја поддржува турската армија во борбата. Името звучи либерално, вели тој, но тоа не треба да ве измами: „Се работи за џихадисти кои идеолошки не се разликуваат од оние кои се борат во Рака или во Мосул." Двата града се сметаат за упоришта на таканаречената Исламска држава.

Централниот совет на Језидите основаше кризен штаб, кој се труди да одржува контакт со околу 15000 Језиди во Африн. „Осум језитски села се под акутна закана," вели Ортач. Едно село е веќе испразнето, населението избега откако еден цивил загина". Светот, вели Ортач, мора да стори нешто, „регионот да не остане без Језиди и христијани."

Бегство од село во село

Дури и и кај сунитските муслимани расте стравот од нападите: „Мајка ми е конзервативна муслиманка, но за Ердоган и исламистите изгледа не е доволно голема мулслиманка", стравува Сидо. „Жените во регионот од секогаш се шетале без шамија на глава, но тоа сега нема да биде возможно кога ќе дојдат Ердоган и исламистите".

До сега, како што кажуваат роднините на Сидо, поголемиот дел од семејствата останува дома. Додуша и нема многу опции за бегство. Може само да се селат од село во село. „Постои само една улица која води кон Алепо, но таа е небезбедна," вели Сидо. „Исто така турската армија е постојано во воздух и не се знае кога ќе нападне."

Според проценките на ОН, и покрај опасноста речиси 5000 луѓе избегале од регионот, а може да се очекува дека оваа бројка ќе расте: според зборовите на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу офанзивата против курдските милиции може да се прошири. Во фокусот им е градот Манбиџ и областа источно од Еуфрат.