Африка добива брз интернет
22 јули 2009Поморскиот интернет кабел е дебел колку човечка рака, се состои од 8 слоеви и мора да биде отпорен на солената морска вода. Кабелот мора да е долготраен, бидејќи замената и поправката се скапи. И, мора одлично да ја заврши својата задача: брзо и сигурно да пренесува податоци од точката А до точката Б.
Во рамки на проектот „Сиком“ ваков кабел ќе биде поставен долж источноафриканскиот брег. Тој ќе биде долг речиси 14 илјади километри и ќе ги поврзува Европа и јужна Азија со земјите: Јужноафриканска Република, Мозамбик, Танзанија, Кенија и Мадагаскар. Досега овие земји беа поврзани на интернет преку сателит. Тоа ја правеше конекцијата скапа и бавна. Новиот поморски кабел, кој ќе почне да функционира од четврток, ќе направи цените да паднат за скоро една десетина и повеќекратно ќе ја зголеми брзината. Ова може да биде само од полза за економскиот развој на југоисточна Африка, вели Михаел Монерјан од Одборот за Африка на Здружението на германското стопанство: „Тешко е да се процени значењето на овој потфат, бидејќи досега во источна Афика имаше голем развој во полето на комуникацијата со мобилна телефонија, но областите на фиксната телефонија и интернетот преку фиксна телефонија се мошне слабо развиени и таму гледаме значаен пазарен потенцијал.“
Сателитот не овозможува брз и сигурен интернет
Новиот поморски интернет кабел и‘ припаѓа на најновата генерација на техника за пренос на интернет. Срцевината на кабелот се состои од стаклени влакна и овозможува брзина на пренос на податоци од 1,3 терабајти во секунда. Тоа теоретски овозможува повеќе од половина милион истовремени DSL конекции.Или пресметано поинаку: повеќе од 20 милиони луѓе би можеле преку интернет истовремено да ја слушаат програмата на радио Дојче веле. Сателитот, кој досега и‘ овозможуваше интернет-врски на источна Африка, не е најпогоден за пренос на податоци преку интернет, вели Франк Орловски од компанијата Де –Цикс, која управува со најголемиот германски интернет-центар во Франкфурт: „Поморските кабли овозможуваат да се заменат сателитските врски во регионите, кои досега се’ уште немаа брз пристап до интернет. Интернетот е мошне интерактивен медиум, што значи дека сателитот не е соодветен за интерактивен пренос на податоци. Затоа секогаш со интересирање ги примаме информациите кога се пушта во погон нов систем со поморски кабли."
Новиот интернет кабел ќе донесе подобрување и за компаниите и организациите кои соработуваат со Јужноафриканската Република, Мозамбик, Танзанија, Кенија и Мадагаскар, оти досега интернетот и фиксната телефонија во овие земји беа мошне слаби и комуникацијата главно се одвива преку мобилните телефони. Михаел Монерјан известува дека досега мејловите често пати не пристигнувале и дека сигурна комуникација е обезбедена само преку мобилната телефонија. Ова ќе биде минато, кога дигиталниот јаз меѓу Источна Африка и остатокот на светот ќе стане помал.
Автор: Константин Цуравски / Ана Алибегова
Редактор: Александра Трајковска