290610 USA Russland Spionageaffäre
30 јуни 2010Многу Американци останаа без зборови кога ја слушнаа веста за апсењето на руските тајни агенти во неколку американски сојузни држави. Да не се враќаме кон студената војна? се прашуваат многумина. Американските безбедносни експерти, пак, сосема трезвено ја анализираат ситуацијата: „Очигледно Русите употребуваат техники и тактики против САД од времето на студената војна“, вели Ричард Кларк, поранешен соработник на силите за безбедност.
Јавна тајна е дека Русите и Американците, и по завршувањето на студената војна, се шпионираа едни со други и дека одвреме-навреме агентите беа и откривани. Претставници на Москва меѓутоа нагласуваат дека досега ваквите случаи поминувале без голема медиумска помпа, уапсените шпиони биле нечујно депортирани во нивните татковини. „Не разбираме кои причини го натерале американското министерство за правда да го објави целиот случај во стилот на приказните за шпионите од времето на студената војна“, нагласува руското министерство за надворешни работи.
Шпионска афера со Русија е последната работа што и` беше потребна на владата на претседателот Обама, бидејќи токму во овој момент односите со официјална Москва се на пат да се подобрат. Минатиот четврток двајцата претседатели, Барак Обама и Дмитри Медведев, се претставија како добри пријатели, отидоа заедно да јадат чизбургер, си делеа една порција помфрит и го фалеа американско-руското пријателство. Затоа претседателот Обама воопшто не беше среќен што апсењето на руските шпиони уследи само три дена подоцна. Меѓутоа тајните служби го известиле дека акцијата била неизбежна, бидејќи во спротивно постоела опасност осомничените да побегнат.
Американско масло?
Неименувани претставници на американската влада истакнуваат дека руските агенти не успеале да и` пренесат ниту една тајна информација на Москва и дека покрај сите методи, нивната мисија била неуспешна. Руските експерти, пак, ја оценуваат целата работа како „смешна“, според нив нема основа за обвинение за шпионажа. Заменик-претседателот на комисијата за одбрана на руската Дума, Генади Гудков, претпоставува дека зад оваа провокација стојат американски кругови, кои се против курсот на приближување со Русија на претседателот Обама. Поранешниот агент на КГБ, Михаил Љубимов го дели неговото мислење: „И јас се сомневам дека постои некаква поврзаност. Логично е, затоа што голем број луѓе во САД се против подобрување на односите со Русија. Ова е совршен момент да се стави препрека на ова приближување“, истакнува Љубимов.
Автор: Сабине Милер/ Естрид Хартбрих/ Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска