1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170311 Atomlobby Deutschland

1 април 2011

Кога станува збор за толку вносен бизнис и такви големи добивки, разбирливо е дека концерните се обидуваат да влијаат врз политиката. Како дејствува германското атомско лоби?

https://p.dw.com/p/10isD
Фотографија: dapd

Ралф Гилднер, претседател на Германскиот атомски форум, кога зборува за нуклеарната енергија, користи поими како „драгоцена“, „извонредна“, „примерна“, или формулации како „безусловно неопходен придонес за заштитата на климата“ и „голем технолошки развоен потенцијал“. По нуклерната катастрофа во Фукушима највисокиот застапник на интересите на германската атомска индустрија е значително повоздржан:

„’Безбеден‘ е секогаш релативен поим и ние овде сме во една област на остатокот од ризик и покрај сета сигурност. Можеби е некоја основа за проверката на безбедноста, дека ние и во Германија мораме да дискутираме дали има настани кои мора да се поврзат едни со други и да се каже дека тогаш би било неопходно да се покачи безбедносното ниво, за да се намали нивото на остатокот од ризик. И, ако за поединечни постројки тоа не е изводливо, тогаш од тоа ќе произлезат консеквенции“.

Deutschland Atomkraft Atomkraftwerk Neckarwestheim
Фотографија: dapd

Доминација врз политичките решенија

Како лобист, Гилднер настојува исклучиво на ограничување на штетата, оти тримесечниот мораториум за атомските централи, воведен од Сојузната влада, претставува решавачки пресврт во германската атомска политика. Одбрана против евентуално трајно исклучување на седумте најстари атомски централи не би било мудро; само ако атомското лоби сега се прилагоди на новата ситуација, може да се надева дека барем модерните централи ќе може да ги користи уште некое време.

„Сега мора да се дискутира дали ние и во иднина ќе можеме да даваме придонес - можеби со нешто помалку постројки, можeби кај нив со некое уште повеќе подобрено безбеднсно ниво. Енергетската политика секогаш е област во која политиката поставува рамковни предуслови, за кои управувачите со атомски централи мора да се придржуваат“, констатира лобистот Ралф Гилднер.

Затоа, тие со сите сили настојуваат да влијаат во утврдувањето на условите. Ни во изминатите години ништо не му беше препуштено на случајот. Повеќе од сто страници обемниот документот „Концепт за комуникација за атомската енергија - стратегија, аргументи, мерки“, од есента 2008, покажува како требало политичари и новинари да бидат доведени на про-атомски курс и да се влијае врз јавната дебата: опасностите да се минимизираат, фокусот да се стави врз тоа дека без атомската енергија не се може, како и дека е полезна за заштитата на климата.

„Атомската индустрија има не само финансиска и економска моќ, таа не само што врши забележително влијание врз политичките решенија, туку досега таа доминираше врз нив - и со тоа и врз Сојузната влада и еден голем број парламентарци“, рече неодамна во Бундестагот Грегор Гизи, шеф на фракцијата на „Левицата“.

Demonstration gegen Atomkraft Deutschland Berlin
Протестот против атомската енергија по случувањата во Фукушима е огроменФотографија: dapd

Катастрофата во Јапонија го наруши имиџот на браншата

Во политичкото решение за продолжување на работниот век на нуклеарките од ноември минатата година улога сепак играа економските аргументи и големата добивка и за концерните, како и за владата преку данокот.

„Кога требаше да решаваме ние во парламентот, тоа беше веќе завршена работа, па парламентот учествуваше само про форма, а Бундесратот ни толку. Тие имаа се’ цврсто договорено на само со господата од атомското стопанство“, критикува Зигмар Габриел, партиски шеф на социјалдемократите и поранешен сојузен министер за екологија.

Кампањата во јавноста во меѓувреме отиде до таму, што атомската енергија постојано се спомнуваше во ист здив со обновливите енергии. По нуклеарната катастрофа во Јапонија тоа секако не е доволно за да се поправи нарушениот имиџ на браншата. Лобистите секако ќе изнајдат други линии на аргументирање, за да спречат брзо напуштање на користењето атомска енергија. Почетниот чекор е веќе направен - или како инаку да се сфати дискусијата за пораст на цените на струјата во земја која и натаму произведува повеќе електрична енергија, отколку што и’ е потребна?!

Автор: Сабине Кинкарц/ Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски