1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Скопје не е подготвено да го исполни договорот од Брисел“

1 јуни 2018

Неименуван грчки владин функционер тврди дека македонската влада не е подготвена да го исполни постигнатиот рамковен договор од Брисел меѓу министрите за надворешни работи, шансите за решение во спорот за името сѐ помали

https://p.dw.com/p/2yoMH
Griechenland Proteste in Thessaloniki Namensstreit Mazedonien
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Нов пресврт во спорот околу името меѓу Грција и Македонија. Откако министрите Коѕијас и Димитров во Брисeл ја договорија рамката за решение во спорoт за името, работите по сѐ изгледа повторно се враќаат на мртва точка. Неименуван грчки владин функционер предмалку во изјава за „Катимерини“ порача дека „другата страна не е подготвена да го испорача она што е договорено во Брисел меѓу двајцата министри за надворешни работи Никос Коѕијас и Никола Димитров.“ Засега нема детали што е причината за ваквиот став на Атина, но според неофицијални информации, проблемот се јавил за време на разговорите на експертските групи кои во Атина требаше да ги дефинираат деталите за Нацрт-спогодбата што ја договорија Коѕијас и Димитров. Грчката влада смета дека поради тоа шансата за наоѓање решение во наредните денови станува сѐ подалечна. Истовремено се наведува дека и најавениот телефонски разговор неделава меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев најверојатно нема да се одржи.

Телефонскиот разговор Заев-Ципрас беше најавуван дека ќе се одржи „во средината на неделата, најдоцна до четрток, петок".

„Се надевам дека денови се во прашање, затоа што следува Самитот на ЕУ. Јас верувам дека ќе се изнајде решение. Тоа е многу важно, да има решение кое ќе биде масовно поддржано од граѓаните и од сите политички партии. Но, да му дадеме шанса на процесот", порача претходно македонскиот премиер Зоран Заев.

Целта на Грција е да ја врати својата водечка улога на Балканот, аргументираше пак деновиве  грчкиот премиер Алексис Ципрас  објаснувајќи зошто инсистира на изнаоѓање решение за деценискиот спор околу името со Македонија.
„Не се осврнуваме на политичката цена, и работиме на решение", рече Ципрас додавајќи дека „веруваме оти на тој начин ќе ја вратиме водечката позиција на Балканот". Според него: „Решението ќе води кон процеси кои ќе создадат нова динамика за развој и соработка со сите земји во регионот, а во истовреме ќе ги запре економските и политички аспирации на други земји како Турција".