1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

9/11 Gedenken USA

12 септември 2011

Америка им одаде почит на жртвите од терористичките напади пред 10 години. Комеморацијата на „Граунд зиро“ беше достоинствена и покажа дека светската супер-сила не ја изгубила самодовербата.

https://p.dw.com/p/12XDB
Фотографија: DW

Големата нација им оддаде почит на жртвите од 11 септември 2001 и покажа сочувство со најблиските на загинатите. Комеморативната свеченост на местото каде се урнаа кулите близначки на Светскиот трговски центар покажа уште еднаш дека тогашните терористички напади длабоко се врежале во колективната свест на светската супер-сила. Не само затоа што атентаторите самоубијци во смрт повлекоа уште 3.000 недолжни цивили, туку и затоа што длабоко ја сменија свеста на САД. Со кулите на Светскиот трговски центар се урна и вербата на генерации Американци дека нивната земја е сигурна и неподложна на напади.

Сочувана самосвест

Но, терористите погодија во срце една нација, која има голема одбранбена сила. Самосвеста на Американците речиси и не е нарушена поради тешкиот удар на судбината. И за тоа посведочија комеморативните свечености. Америка е изменета во последниве 10 години, но не го смени карактерот, оцени претседателот Барак Обама. Како знак дека земјата не се срами од големите напори што ги вложува во одбраната од тероризмот, на комеморацијата во Њујорк еден покрај друг стоеја актуелниот претседател Обама и неговиот претходник на функцијата Џорџ Буш, во чиј мандат се случија атентатите.

DW Deutsches Programm Daniel Scheschkewitz
Авторот на коментарот, Даниел ШешкевицФотографија: DW

Скапи војни

Буш прогласи војна против тероризмот и во годините потоа започна две големи војни, кои уште не се завршени. Во борбите во Ирак и Авганистан животот веќе го загубија десетици илјади луѓе, а најголемата економска сила во светот дојде речиси до крајните граници на подносливост. Според најновите проценки двете војни до сега ја чинат Америка преку илјада милијарди долари.

Дали војните, пак, ги донесоа посакуваните резултати, односно дали светот стана посигурно место за живеење од претходно, на тоа прашање ќе треба да одговорат следните генерации. Во секој случај, праведен светски поредок, којшто ќе придонесува за доближување на нациите со различни култури и традиции, за сега не е на повидок. Напротив, по 11 септември новите предрасуди и слики за тоа кој му е кому непријател никнуваат како печурки по дожд. Од време на време во текот на последнава деценија таквиот тренд добиваше и чудни израстоци, на пример кога е во прашање војната против Ирак. Водењето војна против оваа земја може да стане разбирливо само ако се потсетиме дека Америка по 11 септември 2001 беше до темел разнишана и ранета.

Ал Каеда е губитникот

Денес, со историска дистанца од 10 години ситуацијата изгледа поинаку, помалку опасна и заканувачка, отколку веднаш по монструозните атентати. Лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен е убиен, а неговата терористичка мрежа не успеа да ги урне темелите на нашата слободољубива цивилизација и вредносниот систем на којшто таа почива. Иако некои од темелите беа разнишани, сепак вистински пораз доживеаја терористите, а не западниот свет и неговите вредности. Измачувањето на лица осомничени за тероризам во затворите Абу Граиб и Гвантанамо останаа во сеќавањето како симболи за таквите разнишани темели на демократијата и владеењето на правото.

Поинаква Америка

Во меѓувреме кратерот на „Граунд зиро“, каде до пред 10 години гордо се издигнуваа кулите на Светскиот трговски центар, е затворен со достоинствен споменик. Во него е овековечено длабокото сочувство со жртвите и нивните најблиски. Наскоро во Њујорк ќе никне ново здание на Светскиот трговски центар. Се’ на се’ Америка ја доби тешката битка со тероризмот, но затоа никогаш повеќе нема да биде истата земја, како пред 11 септември 2001.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска