1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Архива) Синдикалци му ја плетат мрежата на Митревски

Костадин Делимитов23 јануари 2016

Неколку синдикати иницираат постапка за одговорност на првиот човек на ССМ. Засилениот политички притисок за контрола на членството но и сомнежите за криминал ја прелеваат чашата!

https://p.dw.com/p/1Hil4
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Rourke

Врие во Сојузот на синдикати на Македонија. Гранкови синдикати и членството се мобилизираат во иницијатива за промена на претседателот Живко Митревски. Незадоволството од состојбите во организацијата, која наместо заштитник на правата на работниците доби епитет-приврзок и промотор на политиките на власта кулминира:

„Има иницијатива за промена на Митрески, а интересно е дека дел од неа се и некои синдикати кои што го избраа на Конгресот. Деталите деновиве ќе ги објавиме на прес конференција, ќе бараме одговорност од него бидејќи веќе има сериозни сомнежи за криминал и неодговорно однесување. Незадоволството кај членството е огромно. Се` поголем е бројот на оние кои што се против самоволието на Митревски, кој наместо бранител на работниците стана владин портпарол и продолжена рака на власта. Сакаме да бидеме независни и самостојни, да го вратиме достоинството на синдикализмот кое е паднато на најниско ниво. Во континуитет се носат одлуки кои се нелегитимни и спротивни на волјата на членството и гранковите синдикати. Ако има независно судство, ќе успееме“, реагира за Дојче веле Пецо Грујоски, претседател на УПОЗ, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: DW

Кулминацијата на незадоволството во ССМ се случува по период и на отворен политички притисок врз „непослушниците“ во синдикатот. Како последно на удар беше токму УПОЗ кој успеа, или барем засега одолева на сценариото за уривање на синдикалната структура за кое тврдат дека се спроведува директно по инструкции на власта. Повикувајќи се на статутот, актуелното раководство на овој синдикат доби реизбор на Конгресот одржан во декември, а поради политички притисоци ги запре изборите и во синдикалните организации. Ваквиот маневар предизвикува голем револт кај иницијаторите за промени кои поднесоа и кривични пријави:

„Под изговор за политички притисок и работодавачи Грујоски направи еден куп незаконски и нестатутарни потези. Во новиот статут има многу небулози. Го запреа процесот за смени во синдикалните организации повикувајќи се на статут во кој стои дека доколку се оцени дека има политички притисоци претседателот самостојно си ги бира своите луѓе. Па дали е тоа демократија? Тоа е вон памет и спротивно на волјата на членовите. Кој може да потврди дека има политички притисок кога гласањето е слободно и тајно. Затоа поднесовме кривична пријава до јавното обвинителство за нелегалните и нестатутарни постапки и барање до Централниот регистар за невоведување на новите промени, односно обновата на мандатот. На недоследностите и укажавме и на министерката за труд и социјална политика која е должна и најповикана да го стопира изборот и да ја врати постапката, која е спроведена на нелегален начин. За прв пат се случи да има двајца кандидати за претседател на УПОЗ и за прв пат некој ја стопира постапката. Очекуваме Централниот регистар да реагира, во спротивно сите ќе добијат пријави“, реагира Игор Миќев, кандидат во трка за претседателската функција во УПОЗ, кој во меѓувреме добил и исклучување од синдикатот.

Статутарниот маневар според Грујоски бил единствената одбрана од политичкиот упад во синдикатот. Во целиот процес тој препознава отворен притисок и обид за финална предизборна пресметка со еден од најголемите синдикати:

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola
Фотографија: Nikos Pilos

„Ни се случи буквално потрес од 9 степени, во последен момент се одбранивме од оркестрираниот притисок за кој слободно можам да кажам дека е сценарио на Живко Митревски поддржан од заменик министерот Диме Спасов кои не можат да ни простат што го дигнавме гласот против законот за административни службеници, организиравме протести, го браневме и го одбранивме синдикатот од натрапници. Не е проблемот да дојде некој друг наместо мене но не на ваков начин, со обиди за упад. Под притисоци и уцени тие сменија дел од структурите и затоа согласно статутот ние ги стопиравме изборите и го искористив правото како претседател да именувам претседател, заменик претседател и извршен одбор во синдикалните организации. Дури и законот за работни односи има член во кој се нагласува дека синдикатот назначува повереник кај работодавачот. Јас и раководството бевме избрани од мнозинството делегати и одговорно тврдам дека статутарен е изборот а нестатутарен беше упадот. Сакаа да влезат во синдикатот да го распарчат и не им успеа. Во рок од еден месец го известивме министерството за промената, односно во случајов нема промена така што тоа потоа само ја проследува одлуката до Централниот регистар кој врши само технички упис“, вели Грујоски.

Дополнителна причина за контрола на синдикатот на УПОЗ според Грујоски е и солидарниот фонд, односно паричната уплата која доаѓа од околу 7 илјади членови која некому ќе му биде и тоа како добредојдена, посебно во предизборниот период:

„Очигледно е дека некој сака да дојде до тие пари и да ги троши, но токму тој финансиски фонд ни ја дава и нашата моќ да можеме да го браниме нашето членство и да се одбраниме во битката за правата на работниците. Затоа бараме и промена на начинот на гласање, не може нашиот синдикат со 7 или 10,000 членови да биде ист со некој со 300 или 500 членови. Бараме измени во статутот според уплатата на членарина, но Митревски таа одлука ја нема спроведено. Еве на пример од пред неколку години е донесена одлука за продажба и на имотот, а согласно статутот ингеренции за такво нешто нема ниту советот ниту претседателството. Сите одлуки му се нелегитимни и ќе одиме на суд се` тоа да го побиеме. Ако има независно судство, ќе успееме“, коментира Грујоски.