1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аргументите во прилог на двојната формула се релевантни

Горан Петревски3 ноември 2008

Македонија останува на позицијата дека само Грција има проблеми со уставното име и оти решението треба да се бара во билатерални рамки- вели во интервју за Дојче веле, шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.

https://p.dw.com/p/FmlS
Македонскиот министер за надворешни работи Антонио МилошоскиФотографија: DW

Господине Милошоски преговарачите му ја претставија македонската позиција на медијаторот Нимиц за неговиот последен предлог. Каква реакција очекувате од Атина?

Реакцијата од Атина не би ја коментирал. Немаме некои посебни очекувања. Но, нема да не зачуди доколку тие и натаму за компромис го сметаат грчкиот диктат, односно наметнато решение. Не би давал ни некои дополнителни подробности за позицијата на Македонија. Таа веќе е претставена. Сега Атина е на потег и очекуваме да се изјасни за нејзиното учество во понатамошниот процес кој го води посредникот Нимиц.

Постои ли опција за натамошна билатерална комуникација на министерско ниво? Зборувам за вашата средба со министерката Бакојани во Париз.

Никогаш не сме одбегнувале можности за билатерална комуникација, без разлика на кое ниво и во кој ресор тие доаѓаат. Но, од друга страна забележително е дека во Грција недостасува искрена воља, таа билатерална комуникација да вроди со конкретни чекори за напредок по одредени билатерални прашања кои не мора да бидат поврзани со името. Може да бидат поврзани со економијата, трговијата, образованието, културата. Или еден конкретен пример: Македонија веќе неколку години ургира за отворање на уште еден граничен премин кој е подготвен од наша страна. Се работи за преминот Маркова нога, кој се наоѓа на страната на Преспанското езеро. За него и грчките општини од другата страна на границата исто така имаат голема желба тој да профункционира, но очигледно е дека во Атина поради недостаток на политичка воља се блокира овој конкретен и можен чекор напред.

Дали Македонија би прифатила промена на името, доколку тоа не го загрозува националниот идентитет?

За нас се важни пред се националниот идентитет, јазикот и правото на самоопределување и во истовреме е важно и тоа што 125 земји во светот го имаат признаено уставното име на Македонија. Ние остануваме на позицијата дека само официјална Атина односно Република Грција има проблеми со уставното име на Македонија и имајќи ја предвид таа билатерална димензија, сметаме дека решението треба да ги содржи тие билетарални рамки.

Дали ова значи враќање кон двојната формула?

Цениме дека аргуметните кои одат во прилог на двојната формула како можен компромис се релевантни и не гледаме причини зошто тие не би можеле да бидат разгледани и прифатени од поширок круг политичари во Македонија, кои и пред неколку години, пред 15 години упорно работеле за да се изгради и да се зацврсти таа позиција.

Стравувате ли дека некоја од тие 125 земји кои ги спомнавте би можеле да го следат примерот на Мексико и да ја отповикаат одлуката за признавање на Македонија под уставното име?

Тоа се меѓународни договори. Кога се склучува договор за воспоставување дипломатски односи , тој веќе има тежина на меѓународен договор кој се склучува меѓу две земји и сметам дека досега ниту една влада , вклучувајќи ја и мексиканската , не расправала ниту ја преиначила одлуката за воспоставување на дипломатски односи со Република Македонија под нејзиното уставно име. Напротив во изминативе 12 месеци бевме задоволни што тој пример го следеше и Канада која донесе одлука за признавање на уставното име на Македонија, како и тоа што воспоставивме дипломатски односи со Чиле под уставното име.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема