Крај на ерата Кирхнер
28 октомври 2013По избори е пред избори. Ова барем важи за двајцата големи победници на изборите за Конгресот и Сенатот на Аргентина: најважниот опозициски кандидад Серџо Маса од конзервативно-перонистичката партија Френте Реновадор, убедливо победи во најнаселената провинција Буенос Аирес и ПРО, партијата на конзервативниот градоначалник на Буенос Аирес, Маурицио Макри, која си обезбеди мнозинство во главниот град и за првпат ќе има сенатори во Горниот дом. Макри уште на постизборната ноќ изрази подготвеност да се кандидира на претседателските избори во 2015. година. Маса не отиде толку далеку, меѓутоа неговото обраќање по убедливата изборна победа беше проткаено со назнаки, кои сигнализираат дека и тој по две години би можел да се кандидира на изборите.
Реторичко ублажување на поразот
Претседателката на државата Кристина Фернандез де Кирхнер (на изборен плакат на насловната фотографија) смета дека нејзината политичка работа е во традицијата на легендарниот претседател Хуан Перон. Најважниот политичар во историјата на Аргентина во 40-те години од минатиот век застана на чело на народно движење и втемели политички стил , кој оттогаш наваму се означува како „перонизам“: почитуван, популистички лидер собира зад себе масовно движење и води политика за „малиот човек“.
На изборите левичарско-перонистичката партија на Кирхнер, ФПВ, меѓутоа претрпе горчлив пораз, огромни загуби, но сепак заддржа тенко мнозинство во двата дома на аргентинскиот парламент.
Овој факт беше доволен за властите исходот од гласањето да го преобличат во победа. Со демонстративна еуфорија потпретедателот Амадо Буду во изборниот штаб на ФПВ порача: „Со задоволство можеме да заклучиме дека ширум земјата и натаму сме водечка политичка сила и по овие избори. Точно е дека на локално ниво имаше некои важни резултати, но ФПВ и таму повторно ќе се поврати“. Ова беше драстично ублажување на ситуацијата, откако партијата на изборите ги загуби петте најважни територии во земјата: главниот град, провинцијата Буенос Аирес, како и северните провинции Кордоба, Мендоза и Санта Фе.
Наредната изборна кампања веќе започна
Со тоа една внатрешно политичка тема е конечно затворена. Нема да има трет мандат за претседателката Кристина Кирхнер, зашто за уставните промени неопходни за такво нешто на партијата ФПВ и‘ недостасува потребното мнозинство. Водечкиот кандидат на ФПВ, Мартин Инсауралдене, ја оствари зададената цел. Самата претседателка поради здравствената состојба и една операција беше принудена на целосно мирување и не можеше дури ниту да гласа во својата изборна единица Рио Галјегос во Патагонија. Поради нејзиното влошено здравје, веќе има набљудувачи кои говорат за крај на ерата Кирхнер. Десет години претседателката и нејзиниот починат сопруг владеат со земјата. Нивниот „модел на владеење“ -мешавина од диригирана држава и грубо оградување од надворешниот свет, загуби од атрактивноста. Една нова не-перонистичка средна класа бара алтернативи за претседателката. Изборните победници Макри и Маса се обидуваат да понудат такви алтернативи. 41-годишниот Серџо Маса. Наредната предизборна кампања веќе започна.