1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Апсења поврзани со спектакуларниот грабеж во Дрезден

Штефан Штикелман | агенции
17 ноември 2020

Во една од најголемите кражби во изминатите децении, скапоцености со немерлива вредност беа украдени во Дрезден во ноември 2019 година. Сега, во еднакво спектакуларна полициска акција, се бараат сторителите.

https://p.dw.com/p/3lP9k
Deutschland Razzien und Festnahmen im Zusammenhang mit dem Kunstraub im Grünen Gewölbe
Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Во големата рација, која од раните утрински часови во берлинската населба Нојкелн ја спроведуваа над 1.600 полицајци од цела Германија, се трагаше по украденото богатство од дрезденскиот изложбен простор „Зелен свод“.

Приведени се три лица, а претреси се вршат низ целиот град. Тие треба да продолжат во текот на целиот ден.

Тројцата уапсени, како што соопшти државното обвинителство во Дрезден, уште во текот на денот треба да бидат изведени пред истражен судија. Тие се сомничат дека пред една година од познатиот изложбен простор „Зелен свод“ во Дрезден украле уметнички предмети од непроценлива вредност. Во кражбата, која германските медиуми ја нарекуваат „најспектакуларна кражба на деценијата“, се украдени предмети од колекцијата на саксонските благородници, при што крадците целно украле само накит и скапоцености. Тогаш, меѓу останатото, е украден и „Саксонскиот бел дијамант“, еден 48-каратен бел дијамант.

Deutschland Razzien und Festnahmen im Zusammenhang mit dem Kunstraub im Grünen Gewölbe
Фотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Криминални арапски кланови

Како што соопшти обвинителството, уапсените германски државјани се „поврзани со милјето на криминални кланови“. Оваа информација се однесува на припадниците на арапските кланови со либанско потекло кои во последните години се во центарот на вниманието во германската јавност.

Повеќе:

-Каде ќе завршат украдените скапоцености од Дрезден?

-Спектакуларна кражба на скапоцени камења од музеј во Дрезден

Овие криминални групи досега главно се поврзуваа со трговија на дрога. Притоа, главно се работи за семејства кои кон крајот на 70-тите години пристигнале во Германија за време на граѓанската војна во Либан. Ова не е прв случај берлинските арапски кланови да „фрлат око“ на уметнички предмети.

Пред три години од берлинскиот музеј Боде е украден 100 килограми тешкиот златник „Големиот јаворов лист“. На почетокот на годинава, двајца припадници на еден од арапските кланови се осудени на затворска казна поради ова дело. Златникот никогаш не е пронајден.

Deutschland  | Dresden Schloss Grünes Gewölbe Schätze und Kunstwerke
Фотографија: Matthias Hiekel/picture-alliance/dpa

Полицијата трага не само по украдените уметнички предмети, туку и по доказен материјал, како што се алати за обивање и податоци во компјутерите. Уште пред 2 месеца, полицијата во берлинската населба Нојкелн - која некогаш беше позната како најсиромашен дел во западен Берлин, а во последните години поради парти-сцената стана мека за младите од целиот свет - пронајде автомобил кој наводно бил користен за време на бегството. Тогаш е претресено и едно интернет кафуле. 

Грабеж во рок од неколку минути

Што се случи на 25.11.2019 година? Околу 5 часот наутро крадците пресекоа решетка и искршија прозорец за да можат да влезат во поранешната резиденцијална палата. Снимките од надзорната камера покажаа најмалку двајца сторители. Претходно, сторителите веројатно запалиле и електрична кутија, што довело до прекин на струјата на уличните светла. Потоа избегале со автомобил.

Juwelengarnituren des Grünen Gewölbes
Фотографија: SKD/Jürgen Karpinski

Историчарот на уметност Ули Зегерс, кој со години беше на чело на германскиот огранок на Регистарот на загубени уметнички дела, во едно интервју за ДВ кратко по кражбата објасни дека накитите се особено барани украдени добра, бидејќи нивната материјална вредност е огромна. За разлика од сликите, вредноста на препознавање на дијамантите е мала ,бидејќи тие „лесно можат да бидат уништени и разделени на поединечни парчиња“. Затоа стапката на пронаоѓање на украдените дијаманти, според Зегерс, е далеку пониска отколку кај уметнички дела.