1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Антитела предизвикуваат долготраен ковид?

Фабијан Шмит
14 септември 2021

Научниците се исправни пред загатката – што предизвикува хронични долготрајни последици од Ковид-19? Лекари од Арканзас идентификуваа молекули кои е можно да играат централна улога кај долготраен ковид.

https://p.dw.com/p/40Hsk
Illustration | drei Proteine eines Coronavirus-Spikes
Фотографија: Maximilian Schönherr/picture alliance

Многу луѓе кои биле заболени од Ковид-19, со месеци потоа страдаат од последици на инфекцијата

Ова долготрајно хронично заболување лекарите го нарекуваат долготраен ковид или пост-ковид (Post-Acute Sequelae of SARS-CoV-2 infection-PASC), а тоа може да има различни форми. Често болеста не се препознава вистински, па поплаките на пациентите, како хронична состојба на истоштеност, не се сфаќаат сериозно.

Научници од Ерланген уште пред неколку месеци забележале промена на крвните тела кај пациентите со долготраен ковид.

Сега научниците од Универзитетот за медицински науки во Арканзас идентификувале класа молекули кои веројатно играат клучна улога во ваквите промени.

Научниците се надеваат дека во третманот можат да помогнат веќе постоечки лекови, но претходно преку серија дополнителни испитувања сакаат да ја проверат својата хипотеза. Нивните наоди се објавени во стручниот часопис PLOS ONE на 3. септември.

Напаѓачи врз спајк ензимот

Џон Артус, лекар и раководител на Одделот за нефрологија на Универзитетот за медицински науки во Арканзас, истовремено и главен автор на студијата, молекулите ги опишува како антитела кои настануваат дури по неколку недели од првичната инфекција со Ковид-19 и потоа го напаѓаат централниот медијатор во имунолошкиот систем: ангионтензин конвертирачкиот ензим 2 (ACE2).

Нашето тело има потреба од ACE2 заради спречување стеснување на крвните садови, овој ензим тоа го врши со производство на одредени пептиди, а разградување на други. 

Ковид-19: Долгиот пат на опоравување

Но, ACE2 истовремено е „влезна врата“ за коронавирусот во човечките клетки. Со помош на спајк протеинот во вирусната обвивка, вирусот се врзува на ензимот ACE2.

Науниците анализирале крвен серум од 67 пациенти од Арканзас и Оклахома кои прележале инфекција со САРС-КоВ-2, барајќи сомнителни ACE2 антитела, споредувајќи ги наодите со крвниот серум на 13 неинфицирани лица.

Кај 81 процент од пробите на инфицираните добиле позитивен резултат, додека кај здравите испитаници не биле најдени бараните антитела. Зошто неочекувано настануваат антителата кои се насочуваат против ACE2, студијата не може да разјасни.