Германците повторно се за Меркел
9 јуни 2017Каде и да се погледне, во светот владеат кризи: Блискиот Исток е во превирања, Турција со претседателот Ердоган е на пат кон автократија, а во САД претседателот Доналд Трамп секојдневно ги става под прашање заедничките вредности на Западот. Во вакви услови, очигледно Германците се среќни што ја имаат Ангела Меркел: од „Дојчландтренд“, истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Инфратест димап, по нарачка на националната телевизија АРД, произлегува дека канцеларката постигнала најдобар резултат од почетокот на бегалската криза во есента 2015 година. Кога во 2015 година во Германија стигнаа речиси 900.000 баратели на азил, најбројни од Сирија и од Авганистан, а Меркел им посака добредојде, нејзиниот углед значително страдаше.
Сега, 64 проценти од граѓаните се повторно задоволни од работата на шефицата на владата. Со тоа, Меркел е најомилен политичар во земјата. Испитувањето на јавното мислење на почетокот на неделата е спроведено врз репрезентативен примерок од 1500 граѓани.
Рецептот на успехот на ЦДУ- Ангела Меркел
Значи, канцеларката лично е главната причина за успехот на нејзината конзервативна партија, кога граѓаните биле прашани за кого би гласале ако изборите се сега, наместо во септември. Околу 38 проценти би се одлучиле за ЦДУ или во Баварија за сестринската партија ЦСУ. Само 24 проценти би ја избрале СПД со врвниот кандидат и партиски лидер Мартин Шулц. Зајакнати се и либералите, кои пред три и пол години мораа да се простат од Бундестагот. Тие сега достигнуваат десет проценти поддршка.
Десните популисти не се толку силни како во други европски земји
Двете сегашни опозициони партии, Левицата и Партијата на зелените, имаат осум, односно седум проценти и сѐ уште мораат да се борат за довербата на гласачите. Во време на голема меѓународна несигурност, луѓето најрадо ѝ веруваат на избраната влада, а помалку на опозиционите партии.
Деснопопулистичката Алтернатива за Германија, АфД, која се залага за радикален пресврт во надворешната политика, според анкетата има девет проценти, со што би обезбедила влез во парламентот, но ни оддалеку нема толку силни резултати како останатите десничарски партии во Европа, како на пример, Националниот фронт во Франција.
Горе, па пак долу: СПД
Исходот од анкетата е драматичен за СПД и Мартин Шулц. Во јануари поранешниот претседател на Европскиот парламент, неочекувано беше номиниран за кандидат за канцелар, а во март на партискиот конгрес беше избран за партиски лидер со 100 проценти гласови. Шулц беше нов, свеж лик, поради него десетици илјади луѓе станаа членови на СПД. Во првите месеци од годината СПД речиси ја стигна ЦДУ во анкетите, делумно дури имаше и подобри вредности. Но, тогаш Шулц ненадејно го снема, речиси не можеше да се види ни на телевизија. Меркел повторно доминираше, застанувајќи во фокусот на светската бина, на пример со средбата со Доналд Трамп во Вашингтон, или на самитот на Г7 во Италија. Меѓу ЦДУ и СПД сега повторно има разлика од 14 проценти - само 36 проценти од Германците се задоволни од работата на Шулц.
Драматично: силна недоверба кон САД и Доналд Трамп
Рамен на катастрофа е угледот на САД во Германија: само 5 проценти имаат доверба во новиот американски претседател, а само 21 процент од испитаниците изјавиле дека може да им се верува на САД, кои фактички најважен сојузник на Германија. Со тоа, довербата во САД е рамна на онаа кон Русија. Околу 94 проценти имаат доверба во Франција, посебно по изборот на Емануел Макрон за нов претседател.