Анекс 13: „Кингерот“ летал на системски пропусти - од почеток до крај!
25 декември 2014Цела низа системски и други пропусти се утврдени во извештајот на босанската комисија како причини за падот на авинот, во кој пред десет години, на 26 февруари, на летот Скопје - Мостар, загина тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, двајцата пилоти и осумчлената делегација, велат македонски експерти кои биле вклучени во истрагата. Иако објавувањето на извештајот во Скопје беше најавено за сабота, дел од неговата содржина веќе „протече“ во вестите на босанската федерална телевизија. Сотир Костов, претседател на македонскиот Комитет за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, вели дека она што е објавено - е селективно и не е одраз на комплексноста на извештајот.
„Нема да дозволиме сериозноста и сеопфатноста на извештајот да биде засенета со нецелосно селективно и тенденциозно известување. Разговарав со раководителот на тимот што ја водеше истрагата, Омер Кулиќ, и тој ми потврди дека неовластено лице ги ископирало последните две страни од извештајот и ги дало на босанската федерална телевизија. Не може извештајот да се презентира преку тие две страници. Тој е обемен и не смее заклучоците да се сведуваат на неколку селективно извлечени наоди. Нашиот стручен тим го разгледа извештајот, ги даде своите забелешки и тие ќе бидат вградени во него. Кулиќ во петок (26.12) и официјално ќе го достави извештајот до македонските власти: до претседателот на државата, премиерот, министерот за транспорт и врски и до Јавното обвинителство, а во сабота ќе ги презентираме сите негови наоди“, најави Костов.
Истражната комисија претходно го предаде извештајот на Обвинителството и на Министерството за сообраќај и комуникации на БиХ.
Ангажирале пензионери
Член на македонскиот тим кој учествувал во истрагата и анализа на извештајот, ги потврдува забелешките на Костов.
„Медиумите тенденциозно го презентираа извештајот кој се‘ уште не го виделе. Тој извештај нема намера да посочи виновик, туку да ги лоцира сите системски и технички проблеми кои довеле до тоа, а му претходеле на летот, како и оние за време на летот и при слетувањето, со цел да предложи мерки за нивно надминување. Секогаш се‘ може да биде подобро, но можам да кажам дека во споредба со претходниот извештај од 2004 година, овој е многу подобар, покомплексен, изработен во согласност со стандардите на Меѓународна организација за цивилно воздухопловство - ИКАО (International Civil Aviation Organization) со седиште во Монтреал, Канада“, објаснува соговорникот.
Според него, во извештајот (Анекс 13) се утврдени многу системски и технички пропусти кои придонесле да опадне нивото на безбедност. Управата за цивилна и воздушна пловидба на Македонија не била стручно, кадровски и организациски оспособена, ниту секторот за превоз и одржување на авионите при Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата на Македонија.
„Во лоша организација и најдобриот нема да биде најдобар. На пример, раководител во секторот за превоз и одржување на авионите во СОЗР бил копилот, а не пилот-инструктор како што налагаат правилата. Службата не ги пополнувала со соодветен кадар работните места предвидени со систематизацијата. Тој што го одржувал авионот бил пензиониран авиоинженер, а не постојано вработен. И повозрасниот и многу искусен пилот на тој лет не бил редовно вработен, туку пензиониран пилот кој за лет доаѓал - на повик! Подготовките за лет не се правеле според стандардна процедура. Имено, ја правеле само копилотите, а не и капетанот. А таа подготовка се прави во комплетен состав на посадата најмалку 3 до 4 часа пред летот, зависно од условите, планираната дистанца, како и од метеоролошките, навигациските, па и законските услови кои се различни за различни земји. Агенцијата за цивилно воздухопловство поради отсуство на капацитет, односно немање на вработени инструктори, донесла решение за забрана за вршење обука на пилоти. Но, и покрај таа забрана, утврдено е дека обука се спроведувала од надворешно лице. Со еден збор, владеела системска негрижа“, вели членот на македонскиот тим кој учествувал во експертизата на извештајот.
„Непрецизен приод“
Недоаѓањето на задолжителни годишни проверки на симулатор, како и честите прекини во континуитетот на летањето, се сметаат како фактори кои се одразиле на безбедноста и непосредно придонесле за несреќата. Пред падот на авионот немало ни експлозија, ни пожар, ниту траги кои би упатувале на диверзија или на терористички чин. Утврдено е дека авионот при слетувањето се спуштил под минимално пропишаното ниво, а на тоа влијаела недоволната, неквалитетна и нецелосна подготовка на екипажот за приоѓање и слетување, игнорирањето на информациите за временските услови од контролорот на летот, погрешното одредување на финалната точка за приоѓање, недоволната тимска работа на екипажот. Како индиректна причина за несреќата, Комисијата ја навела и сложената метеоролошка состојба.
„При слетување, процедура на 'прецизен приод' значи кога по вертикала и правец ве водат уредите на аеродромот. Во случајов се слетувало по процедура за 'непрецизен приод', кога сами треба да ја одредат висината и е потребна силна соработка и комуникација меѓу посадата, која во тој момент ја немало, според она што е утврдено од снимачот на гласови. Не била исправна црната кутија која ги снима елементите на летот - пропаѓање или качување на авионот, па целата реконструкција е правена според другата црна кутија - снимачот на гласови. Но, таа е помалку прецизна, бидејќи и разлика од само неколку секунди може да даде погрешна претстава за тоа што во кој момент е направено“, објаснува експертот.
Според нашиот соговорник, не е точно дека СФОР воопшто не се спомнува во извештајот. Постоеле забелешки за одредени организациски пропусти, недостиг на одредени лиценци, но поради отсуството на соработка со командните структури на СФОР, одредени прашања не се целосно одговорени.
Обвинителот го чека извештајот
Што понатаму? Според Комисијата, целта не е е да се посочи виновник, туку да се предложат мерки за надминување на пропустите во безбедноста на македонското воздугопловство. Но, фактот дека извештајот е предаден во обвинителстство на БиХ, земјата во која се случи несреќата и која по барање на Македонија спроведе нова истрага, посредно индицира дека не е исклучена постапка за утврдување на нечија одговорност. Евентуалната постапка на босанското обвинителство не е пречка за постапување и на македонското, ако се утврди дека постои основа за тоа. Јавниот обвинител на Република Македонија вели дека не може ништо да каже пред да го добие извештајот.
„Ако извештајот биде доставен до Јавното Обвинителство и ако по анализите биде утврдено дека постојат нови моменти во извештајот кои би укажувале на потреба од нивна проверка, Јавното обвинителство на Република Македонија исто така е надлежно да постапува. Во случајов, можат да постапуваат и обвинителството на Босна и Херцеговина и обвинителството на Република Македонија“, изјави за ДВ, јавниот обвинител Марко Зврлевски.