Ангус Дитон е добитник на Нобеловата награда за економија
12 октомври 2015Истражувањето на врската меѓу потрошувачката, сиромаштијата и благосостојбата му ја донесе на шкотско-американскиот научник Ангус Дитон Нобеловата награда за економија за 2015 година.
Истражувањата на Дитон биле клучни за одредувањето на јавните политики во некои држави затоа што тие прават обид да се објаснат индивидуалните економски избори- поточно, како поединци ги трошат своите приходи- и како општествата ги мерат и анализираат благосостојбата и сиромаштијата.
Минатата година, наградата ја доби францускиот економист Жан Тирол за неговата анализа на моќта на пазарите и регулацијата на монополите.
69-годишниот Дитон е професор по економија и меѓународни односи на американскиот универзитет Принстон од 1983 година.
Нобеловата награда за економија не е дел од оригиналните награди кои ги востанови шведскиот индустријалец Алфред Нобел. За првпат наградата е доделена во 1969 година и е спонзорирана од Шведската централна банка.
Годинешните Нобелови награди ќе бидат врачени на 10 декември, на денот на смртта на Нобел.