1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел слави 65. роденден

Кај-Александер Шолц
17 јули 2019

Родена е на 17. јули 1954 година, а од 2005 година е на функцијата канцелар. Посматрачите зборуваат за „ера на Меркел“. Во текот на нејзиното владеење ретко беше мирно, дури ни сега во доцната фаза на нејзината кариера.

https://p.dw.com/p/3MBLI
James Simon Galerie Berlin Angela Merkel
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Со дланките на рацете формираниот ромб, за мнозинството луѓе со години беше препознатливиот знак за Ангела Меркел. Во предизборната кампања во 2013. година, Меркел-ромбот беше и на изборните плакати. Ромбот беше знак за непоколебливоста на Меркел, дека ништо не може да ја потресе. Но, во 2019 година е завршено со тоа. Повторно во фокусот е нешто телесно во врска со канцеларката, по нападите на тресење кои таа ги имаше во јавноста, многумина се прашуваат –  дали е Меркел болна?

Angela Merkel James Simon Galerie Museumsinsel
Препознатливиот ромб на МеркелФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

„Ера на Ангела Меркел"

Германската канцеларка, ако се спореди со шефовите на држави или влади во Париз, Москва или Вашингтон, формално има мала моќ. Но, 14-годишното владеење остави печат врз земјата во толкава мерка, што од тоа настана „ера на Ангела Меркел“. Тинејџерите познаваат само еден канцелар, а тоа е - Меркел.

Вкупно гледано, во економски смисол тоа беа многу добри години, без оглед на финансиските кризи кои се случуваа. Германија, која во 2005. година беше нарекувана „проблематично европско дете“, стана повторно локомотива на економскиот раст. Стапката на невработеност оттогаш се преполови, приходите од даноци пораснаа. Кога во 2009. година беше донесена одлука за престанок на задолжување, дојде до промена на парадигмата- од дефицит во државниот буџет дојде до суфицит.

Меѓународна кризна менаџерка

Моќта на Ангела Меркел беше очигледна првенствено во кризните години. Криза на еврото, спасување на Грција, руската анексија на Крим: иако имаше запнувања на ниво на ЕУ, Меркел храбро напаѓаше. Листата посетители во бирото на канцеларката стануваше сѐ подолга, а медиумите во главниот град се исчудуваа од фактот што Берлин станува жариште на европската преговарачка политика.

Меркел се профилираше како кризна менаџерка. И речиси никого не го изненадуваше што често беше прогласувана за најмоќна жена во светот. Поради тоа ја почитуваа и граѓаните, дури и во источниот дел од земјата, каде е израсната. Но, на протестантката Меркел тоа не ѝ удри во глава. 

„Мути“

Меркел во својата партија, Христијанско демократската унија, утврди курс на модернизација. Таа промовираше пред сѐ млади и женски сили. Вкупната слика на партиските конгреси се промени. Меркел остана таква каква што беше, а нејзината автентичност наоѓаше на добар прием според испитувањата на јавното мислење.

Одеднаш многумина започнаа Ангела Меркел да ја нарекуваат „мути“ – мајка. Тоа требаше да биде ласкаво, но всушност имаше и темна страна. Зашто, ако се потпрете на „мути“, се губи желбата за демократски конфронтации.

Освен тоа, загубено е уште нешто – разноликоста. Меркел ја постави на линија својата партија, но и владата, за да може непречено да дејствува. Поради тоа прекарот „мути“ доби негативен призвук. Така, Меркел донесуваше одлуки како укинување на задолжителното служење воен рок или откажување од производството на нуклеарна енергија. Конзервативците во ЦДУ беа притеснети во ќош. Политичкиот експерт Волфганг Меркел, гледајќи наназад, смета дека Ангела Меркел од ЦДУ како партија на десниот центар, направи само партија на политичкиот центар. А тоа остави простор за позиционирање на партии десно од центарот – како што е АфД.

BdT Deutschland Rügen Bauzaun Wir schaffen das nie Frau Merkel
Расцеп во општеството поради бегалската политика - „Ќе успееме - никогаш, госпоѓо Меркел!“Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

„Ќе успееме!“ 

Во историските учебници Меркел меѓутоа ќе влезе поради нешто друго: поради реченицата „Ќе успееме!“, која ја изрече во август 2015. година, кога голем број бегалци пристигна во Германија, стотици илјади од Сирија и други од војни и кризи зафатени области. Иако Меркел подоцна ги коригираше своите ставови, општеството по прашањето за мигрантската и бегалската политика остана поделено до денес.

Поларизацијата се префрли и на ниво на Европската унија. Источните Европејци се спроиставија на германските планови за распределба на бегалците низ цела ЕУ. Тогаш беше етаблирана линијата која се одржа до денес – од Варшава, Прага и Будимпешта до Рим. 

Посебна личност

Урсула фон дер Лајен успеа некои пукнатини повторно да ги закрпи. Оваа 60-годишна политичарка од ЦДУ и долгогодишна соработничка и човек од доверба на Ангела Меркел ја бие добар глас и на меѓународно поле, но и во источна Европа. Таа важи за цврста и амбициозна, но и суверена, што го покажа и нејзиниот говор како кандидатка за претседател на Европската комисија. Се верува дека Фон дер Лајен може да гради мостови, потврда е и тоа што ја поддржаа и членови на полската партија ПиС.

Ursula von der Leyen | Europäisches Parlament Straßburg | Bewerbung EU-Kommissionspräsidentin
Урсула фон дер Лајен, новата претседателка на Европската комисија и човек од доверба на МеркелФотографија: Reuters/V. Kessler

Дали Меркел од почеток посакуваше Фон дер Лајен да стигне на оваа позиција на чело на ЕК ? Веќе однапред на многу посматрачи им беше јасно дека ниеден од водечките кандидати од Европскиот парламент нема да стигне до врвот на ЕК. Остануваат шпекулациите дека Меркел однапред ја позиционирала  Урсула фон дер Лајен.  Тоа добро би се вклопило во нејзиниот манир за работите да се размислува – од крајот.  На крајот резултатот на гласањето за претседателка на Европската комисија беше тесен, но мнозинство е мнозинство.

Што следи?

Кога Ангела Меркел би била работничка, со оглед на тоа што е родена во 1954. година, во 2020. година би заминала во пензија. Така е правилото на бирократијата. Но, дали таа ќе остане да работи до крајот на мандатот во 2021. година или ќе се повлече порано, за тоа се шпекулира посебно овие денови и тоа многу, поради нејзините напади на тресење. Владејачката коалиција со социјалдемократите се смета за лабилна. ЦДУ, партијата на Меркел, котира многу лошо, според анкетите, има најлош резултат во својата историја. 

Но, сега е лето, а како и секое лето, Ангела Меркел заминува на одмор веднаш по својот роденден, кој е поврзан со посета на фестивалот во Бајројт. Потоа таа радо се одмора на планина. Кога ќе се врати од одмор, многу очи ќе бидат вперени во неа.

Дали навистина ѝ беше потребен само одмор и дали престанало тресењето?

Но, секако, во германската политика има и многу други важни работи за кои треба да се разговара.