Американците прават грешка со новите санкции против Иран?
22 мај 2018Уште во 432 година пред новата ера, грчкиот државник Перикле наводно се обидел да врши притисок со економски санкции. Отприлика исто толку е стар и судирот околу прашањето - дали санкциите се добро средство за владата на една земја да биде приморана да го промени своето однесување.
Гери Хуфбауер и неговите колеги од Петерсон-институтот за меѓународна економија (ПИИЕ) во САД од 1990-тите години имаат создадено обемна датотека и имаат истражувано попрецизно околу 200 случаи - почнувајќи од Првата светска војна сѐ до почетокот на овој век.
„Притоа, дојдено е до заклучок дека отприлика една третина од сите санкции се ефикасни во смисла на промена на однесувањето“, вели Кристијан фон Зост. Тој раководи со одделот „Мир и безбедност“ на Лајбниц-институтот за глобални и регионални студии (ГИГА) во Хамбург. „Но бројката е многу спорна. Според други истражувачи, таа бројка е многу помала, односно изнесува само околу 5%.“
Токму во случаи во кои истовремено се врши и воен притисок често не е јасно каков удел имаат санкциите врз промената на однесувањето. Освен тоа, санкциите имаат и различни цели: некогаш треба да се издејствува промена на однесување, некогаш да ѝ се стесни на некоја земја просторот за дејствување, а некогаш се еден вид казна за кршење на глобалните норми.
Она што е сигурно е дека санкциите против демократии се поефикасни отколку против автократски режими. „Зашто, во демократиите има повеќе канали преку кои населението може да го изрази своето незадоволство и така да изврши притисок врз својата влада“, вели Фон Зост.
И покрај сите нејаснотии околу тоа дали санкциите може да постигнат политичка цел, тие сепак се соодветни за на една земја да ѝ се нанесат економски штети. Куба и Северна Кореја се добри примери за тоа, но промена на однесувањето изостана.
Со Иран е поинаку. По санкциите на САД во 2010 и на ЕУ во 2012 година, драстично опадна извозот на нафта на таа земја, а економското постигнување се намали за една третина. Но, дали тоа беше причината зошто во 2015 година конечно стана можно постигнување договор во атомскиот спор?
Причина и дејство
„Ниту една држава нема да рече: 'Со санкции бевме принудени да постапиме така.' Секогаш ќе се најде поинаков начин на образлагање“, вели Кристофер Дазе, политиоколог на Униоверзитетот Франкфурт и прв човек на Хесенската фондација за истражување на мирот и конфликтите (ХСФК). „Затоа е многу тешко да се истражи конкретното дејство на санкциите.“
Дазе дури се сомнева дали сега од страна на САД најавените мерки против Иран воопшто може да се третираат како санкции во потесна смисла на зборот. „Санкциите всушност се трошоци кои му се наметнуваат на еден актер затоа што прекршил некаква глобална норма“, вели тој. „Но, Иран се држеше до атомскиот договор и сега сепак треба да биде казнет?“
Американскиот претседател Доналд Трамп го обвинува Иран дека поттикнува тероризам и дека го дестабилизира Блискиот Исток. „Се разбира, може да се направи обид на ваквото однесување да се реагира и со санкции. Но, да се откаже договор кој се однесува на една сосема друга цел - атомската програма, тоа е целосно недискутабилно“, вели Дазе.
Повеќе:
ЕУ сака да се бори за договорот со Иран
- Како ќе се брани Иран во случај на војна
Грешка на Трамп?
Со тоа Трамп прекршува две суштински обележја на успешни санкции. Прво, меша различни цели за санкционирање. Кога за Иран не е јасно кога ќе бидат воведени санкции, тогаш „погонската сила на санкциите е мала“, вели Кристијан фон Зост од ГИГА-институтот.
Од друга страна, за успешни санкции е важно „да постои единствен санкционирачки фронт и земјите кои санкционираат да не се разделуваат“, вели Фон Зост.
Дали на Трамп ќе му успее преку економски притисок да скова нов „санкционирачки фронт“, сѐ уште е отворено. Истражувачот на конфликти Дазе смета дека е можно Трамп во тоа и да не успее.
„ЕУ никогаш не била толку единствена по надворешнополитички и безбедносно-политички прашања како што е сега“, вели тој. „За нејзе ова е можност да ја зголеми својата способност во конфликтите со САД и да истражи нови можности за соарботка.“
Истовременото прекршување на повеќе сознанија од истражувањата на санкциите на прв поглед делува како грешка на американскиот претседател. Но, само ако на Трамп навистина во прва линија му е само до Иран.
„Но, не се работи само за зауздување на Иран“, вели Дазе. За Трамп, според Дазе, се важни и внатрешнополитичките цели и прашањето - како тој ќе се презентира пред американските избирачи. „Се работи за неговата веродостојност, спроведувањето на неговата волја и можноста да настапува како силник.“