Американски авиони ѝ помагаат на Бугарија
21 септември 2016Американскиот пилот Метју Оумен прави последна контрола на својот Ф-15 во бугарската воздухопловна база Граф Игнатиево. Меѓу наредбата за акција и полетувањето смеат да поминат максимум 15 минути. Во спротивно, непријателот б можел веќе длабоко да навлезе во внатрешноста на земјата. Оумен е дел од аларм-формацијата на НАТО, која првпат го штити бугарскиот воздушен простор. Тој вели:
„Овде сме во рамки на мерките на солидарност со Бугарија.“
Покрај неговиот авион веќе работат моторите на МИГ-29 на пилотот Николај Русев. Вообичаено, тој и неговите другари од бугарската воена авијација одат сами во акција. Тие би требало да бидат веднаш подготвени за акција во кое било време. Но, со оглед на староста на Миговите, поради проблеми отпаѓаат сѐ повеќе авиони.
„Нашите Мигови 29 се руски стари авиони. Леталото е многу подвижно, но опремата не му е баш модерна“, нагласува Русев.
Аларм-формациите тргнуваат во акција речиси секогаш поради руските воени авиони. Од страна на Москва анектираниот Крим и војната во источна Украина се на само неколку минути летање оддалеченост од базата во Бугарија. А, Русија речиси секојдневно врши набљудувачки мисии. Тоа ги зголеми за неколку пати акциите во Бугарија. Русев раскажува:
„Во текот на летото руските пилоти веројатно беа на одмор, но сега повторно почнуваат.“
Овде може да го погледнете видеото:
Тоа значи дека акции има речиси секој ден. Полетување, брзо потиснување на потенцијалните натрапници. Тоа е големо оптоварување за Миговите стари речиси 30 години. Затоа сега пробно помагаат американските џетови. На многу американски пилоти им се веќе познати операциите против руските воени авиони.
„Ние и од Аљаска реализираме еден вид Air Policing. Русија и од таму не е далеку. Навикнати сме на ова“, вели Оумен.
Но, голем дел од бугарските граѓани на ова не гледаат со наклонетост. Тие се против американско присуство. Бугарија некогаш беше најблизок сојузник на Москва. И денес многу Бугари ги симпатизираат Русите. Затоа, министерот за одбрана Николај Ненчев се обидува да амортизира:
„Ова не е насочено против никого. НАТО презема сѐ за членките да се чувствуваат безбедно и мирно. Затоа не гледам ништо лошо во ова. Ова не е провокација.“
Сепак, при заедничката „Air Policing“ американскиот пилот Оумен не почувствувал ништо од спкепсата на Бугарите кон Американците. Напротив:
„Соработката со Бугарите е извонредна. Пилотите се екстремно професионални и целата база е многу пријателски настроена.“
Поддршката од борбени авиони на други земји на НАТО би можела наскоро да стане постојана: покрај Американците, на Бугарија во меѓувреме помош ѝ понудија и Полска и Велика Британија.