1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амбициозни цели на португалското претседателство со ЕУ

Јохен Фагет
1 јануари 2021

Португалија сака ЕУ да стане посоцијална, позелена и подигитализирана. Освен тоа, планира и надградба на односите со Индија.

https://p.dw.com/p/3nNal
Symbolbild Portugal EU-Ratspräsidentschaft
Фотографија: STEPHANIE LECOCQ/POOL/AFP via Getty Images

Пред Божик, на португалскиот премиер Антонио Коста и неговиот министер за надворешни работи Аугусто Сантос Силва им паднаа два тешки камења од срце: правовремено пред почетокот на нивното претседателство со Европската унија во јануари, во Брисел беше усвоен буџетот на ЕУ и одобрен договорот за Брегзит. Така, малата земја на западот на Европа во следните шест месеци ќе може да се концентрира на она што всушност беше планирано: Европа да се направи поотпорна на кризи, позелена, подигитална, но и посоцијална. Освен тоа, планирано е и јакнење на улогата на ЕУ на светската политичка сцена.

„Се надеваме дека новиот буџет и корона-помошта ќе бидат скоро реализирани", изјави министерот за надворешни работи Сантос Силва. Не сосема без да се испушти од вид и сопствена корист, зашто на Португалија нејзиниот удел од 750-те милијарди тешкиот корона-фонд ѝ е исто толку итно потребен како и на другите земји. Кон Португалија, заради санирање на последиците од пандемијата на Ковид-19 и обнова на економијата треба да потечат околу 26 милијарди евра.

Да се амортизираат штетите од коронавирусот

Пари, кои на малцинската влада на Социјалистичката партија ѝ се итно потребни за одржување на нејзиниот социјалдемократски курс – подобрувања во областа на социјалата. Во парламентот владата е зависна од поддршката или на Комунистичката партија или на Левиот блок „Блоко де Ескверда".

Повеќе на темата:

ЕУ: Буџетот спасен, правната држава под закана

И покрај договорот, Брегзит останува голема историска грешка

Поради пандемијата на коронавирус стапката на невработеност во Португалија се зголеми на околу девет проценти, државниот долг достигна рекордна вредност од 131 процент од брутодомашниот производ на земјата. БДП, кој изнесува близу 80 проценти од просекот во ЕУ, и онака е мал, а поради корона-кризата уште е и намален за девет проценти. Една од причините е тоа што турзимот со месеци е парализиран, иако претходно постојано растеше. Лани туристичкиот сектор партиципираше со 14 проценти во БДП.

Продлабоување на структури, наоѓање компромиси

На Португалија затоа ѝ е важно во следните месеци да се покаже во што поатрактивна и попозитивна светлина: „Како и сите мали земји во ЕУ, и Португалија ќе го користи своето претседателство за да се претстави во што подобра светлина и да го сврти вниманието кон себе", констатира политикологот Моника Дијас од Католичкиот универзитет во Лисабон. Шансите за тоа не се лоши, помалите членки на ЕУ својата помала политичка тежина мораат да ја компензиираат со преговарачки вештини.

Тоа, комбинирано со португалската политичка традиција за барање и наоѓање копромиси, добро ќе ѝ дојде на земјата и при уште една друга тежишна точка на нејзиното претседавање, смета политикологот: создавање посоцијална и посолидарна Европа. „Без посоцијална Европа не е можно постигнување на целта -  Европа да стане поеколошка и да се напредува во нејзината дигитализација", истакнува Моника Диас. „Овој тематски комплекс е во тесна меѓузависност и не може да се постигне ништо парцијално."

Планирано подобрување на односите со Индија

Останува уште надворешнополитичкиот сјај, кој Португалија сака да го постигне со организирање самит со Индија: „Заради постигнување геополитичка рамнотежа, важно е да ги надградиме политичките и економски односи со Индија. Не смееме да ја изоставиме од видик најбројната демократија во светот", изјави министерот Сантос Силва.

Тоа е посебно важно за ЕУ да може да се поврзе со нови пазари, смета политикологот Моника Дијас. Дали средбата на шефовите на држави или влади, планирана за 8 мај, навистина ќе биде одржана во Лисабон или само виртуелно, уште е нејасно поради пандемијата на коронавирус.

Сигурно е притоа дека Португалија има добри карти за да постигне успех со самитот: таа до 1960-те години беше колонијална сила во сегашната индиска сојузна држава Гоа. Врските меѓу двете земји се одлични, премиерот Коста, чија фамилија потекнува од Гоа, има добиено дури и почесно индиско државјанство.