1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Амазон го истурка Гугл од светскиот трон

ЕМФ /агенции
15 јуни 2019

Американскиот гигант за онлајн-трговија Амазон се искачи на првата позиција на највредни марки во светот. Концернот ги остави зад себе Епл и Гугл.

https://p.dw.com/p/3KAqR
Frankreich Boves | Logo von Amazon
Фотографија: Reuters/P. Rossignol

Извештајот „БрандЗ“, кој ги рангира стоте највредни марки во светот, годинава на прво место го стави Амазон. Според извештајот, кој инаку го прави институтот за анализи Кантар, концернот за онлајн-трговија има вредност од 315 милијарди долари (278 милијарди евра), што претставува плус од 52% во споредба со претходната година. Амазон „се шири интелигентно“ и со тоа си создава нови приливи на средства, а освен тоа на своите муштерии им нуди „извонредна услуга“ и е во состојба постојано да им бега на своите конкуренти со „разнолик екосистем на производи и услуги“, објаснува Кантар. Според институтот за анализи, има „малку знаци“ дека порастот на Амазон ќе загуби на темпо.

Во извештајот „БрандЗ“ во 2018 година на прво место беше Гугл, кој сега, со вредност од 309 милијарди долари, падна на трето место. Престигнат е од Епл, кој има вредност од 309,5 милијарди долари. На четвртото место е Мајкрософт, на петто е Виза, а на шестата позиција - Фејсбук.

Symbolbild Google & Urheberrecht
Гугл од првото падна на трето местоФотографија: picture-alliance/dpa/L. Schulze

Кинескиот концерн за онлајн-трговија Алибаба со вредност од 131,2 милијарди долари, забележа скок за две места и сега е на седмата позиција. Во првите десет на листата се вбројуваат уште и Тенсент (130,9 милијарди доалри), Мекдонладс и концернот за телекомуникации АТ&Т.

Водечките претпријатија имаат „уривачки“ деловни модели со кои ги истиснуваат традиционалните конкуренти од технолошката, финансиската и трговската сфера, објаснува Кантар. „Феноменалниот“ подем на Амазон покажува дека брендовите сѐ помалку можат да се врзуваат за одделни бранши или региони. „Границата исчезнува. Марки како Амазон, Гугл или Алибаба можат со технолошка компетентност преку различни патишта да понудат широка палета услуги“, констатира институтот.

На листата „БрандЗ“ успешно напредуваат Инстаграм, Нетфликс и брендот за спортска облека Лулулемон. Нови на листата на сто највредни брендови, меѓу другите, се Шанел, кинескиот посредник на велосипеди Диди, производителот на смартфони Xiaomi, како и Xbox на Мајкрософт. Во најдобрите сто фирми од Германија годинава успеаја да се пласираат Дојче Телеком, Мерцедес-Бенц, БМВ, како и ДХЛ, Сименс, Алди и Адидас.

Институтот Кантар, според сопствени наводи, за извештајот „БрандЗ“ анализира податоци на 3,7 милиони потрошувачи.