1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Александер ван дер Белен е нов претседател на Австрија

БГ/афп23 мај 2016

Кандидатот на граѓанската опција Ван дер Белен успеа да победи на изборите во Австрија по тесната битка со популистот од редовите на радикалната десница Норберт Хофер.

https://p.dw.com/p/1ItAs
Фотографија: picture-alliance/dpa/F.Wieser

Независниот кандидат Александер ван дер Белен (на насловната фотографија) успеа да победи во извонредно тесната изборна трка за претседател на Австрија. Неговиот ривал Норберт Хофер го призна поразот преку својот Фејсбук профил.

„Тажен сум. Ќе бев среќен да можев да се грижам за нашата прекрасна земја како сојузен претседател“, порача Хофер.

Неофицијалните конечни резултати покажуваат дека Ван дер Белен освоил 50,3 отсто од гласовите, наспротив 49,7 за неговиот противкандидат.

По вчерашниот втор круг гласање на претседателските избори, Хофер имаше предност од 144 илјади гласови, но денеска се пребројуваа гласовите на граѓаните испратени по пошта. Севкупно 740 илјади, и токму тие ја му ја донесоа победата на либералниот политичар. Вкупно околу 14 проценти од вкупно 6,4 милиони австриски граѓани со право на глас се одлучија да гласаат по пошта, дел од нив иселеници. Изборите ќе останат запаметени и по големата излезност - на избирачките места излегоа 72 проценти граѓани со право на глас.

Österreich Norbert Hofer
Норберт ХоферФотографија: picture-alliance/dpa/H.Tosun

По првиот круг, десничарот Хофер извојува убедлива победа поразувајќи ги кандидатите на владејачките австриски партии. Но, во вториот граѓанските партии се обединија зад независниот кандидат Ван дер Белен кој во минатото ја предводеше партијата на Зелените во Австрија.