Албанија: Спор за оставнината на Енвер Хоџа
14 октомври 2012Монструозна пирамида од челик, бетон и стакло. Ќерката на сталинистичкиот диктатор Хоџа ја дозволи изградбата по неговата смрт. Но, на Албанците им беше доста од тврдокорниот владетел, кој приговорот го казнуваше со затвор и смрт. Денес 22-ва метри високиот споменик се распаѓа, а мермерот од надворешната страна е украден.
Нику е албански уметник кој живее во Швајцарија. Тој се залага за зачувување на градбата.
„Добро е што конечно се зборува за Хоџа. Во Албанија до денес не се случи расчистување со минатото“, вели уметникот Ники Алекс Мучај.
Површината од 30.000 квадратни метри е речиси празна. Дел од просторот го користи телевизиска станица. Сега вработените сакаат да одат на суд против уривањето на зградата. При вселувањето им биле дадени ветувања.
„Владата неодамна сакаше дури и да ја реновира пирамидата, а за тоа беа подготвени и големи суми пари, но ништо не се случи“, вели Бледар Загањори од ТВ станицата „Топ Ченел“
Во Албанија речиси и нема споменици кои би служеле за соочување со времето на режимот на Хоџа. Нема ниту критичко преиспитување на повеќедецениското владеење на комунистите. Владата на премиерот Сали Бериша не прави ништо во врска со тоа и безусловно сака да ја урне градбата.
„Оваа градба е окрвавена. Таа е изградена под власт на диктатор, еден од најстрогите кои постоеја во Европа. Освен тоа, таа носи знаци на корупција и непотизам. Архитектите беа роднини на диктаторот Енвер Хоџа“, забележува Мелси Лаби од министерство за култура и туризам.
Трагите од архитектите на Хоџа се видливи на многу места низ Албанија. Исто така и тие треба да исчезнат - стотици илјади тони тешките бетонски бункери, кои ги има насекаде низ земјата. Реликти на паранојата на еден човек кој ја водеше Албанија во изолација останаа во негово наследство. Модерната одминала многу места во Албанија. Но, во нив се формира се’ поголем и поголем отпор против уништувањето на тешкото наследство.
Креативна пренамена на бункерите - тоа е рецептот на Алма Грегаши, која својот ресторан на Јадранското море го направи во бункер и тоа на не сосема законски начин. Таа се надева дека ќе може да привлече многу туристи со ресторанот од челик и бетон.
Еден од оние кои ја почувствуваа моќта на режимот на своја кожа беше и Спартал Њела. 15 години тој бил во работно-поправен логор, само затоа што критикувал. Тогаш бил обвинет за непријателско делување против владата. Денес тој исто така има недоверба, но сега кон актуелната влада.
„Оваа градба е лош знак - порано беше симбол на диктатурата, а сега е симбол на корупцијата. Каде се парите за планираното реновирање? Ова е многу сомнително“, вели адвокатот Спартак Њела.
Во едно предградие на Тирана Нику изгради Културен центар. Бината стои на поранешни бункери. Културно и споменично место во едно - негов сосема личен поглед како Албанците би можеле да се соочат со своето минато.