Албанија по земјотресот: Луѓето врискаа и плачеа
26 ноември 2019Земјотресот со јачина од 6,4 степени кој рано утрово ја зафати Албанија се почуствува и во Македонија и во другите балкански држави. По големиот земјотрес следувале уште најмалку 100 афтершокови, од кои два биле со магнитуда од 5 степени, што дополнително ги надразни нервите на преплашените граѓани.
Голем број куќи и згради во погодениот регион се уништени. Сведоштвата на преживеаните се потресни.
„Се беше во пепел и магла и мирисаше на прашина“, вели Розина Мирта чија куќа не настрадала, но зградата до неа се претворила во купишта урнатини.
„Луѓето врискаа и плачеа, а потоа следуваа уште земјотреси“, вели таа.
Иракли Симони дошол да помогне во градот Туман каде многу луѓе се уште се под урнатините. На неговите раце беа видливи траги од крв.
„Крвта е од човекот заробен под урнатините кому се обидуваме да му помогнеме. Врз него лежи тело на друг мртов човек. Разговарам со него, се обидувам да го одржам во живот. Неговиот стан бил на четвртиот кат“, вели Симони.
Марјана Ѓока, 48, спиела во својот стан на четвртиот кат на петкатна зграда во Туман кога земјотресот ги урнал горните катови.
„Кровот падна на нашите глави и не знам како избегавме. Господ ни помогна“, вели Ѓока.
Епицентарот на земјотрост бил на 30 километри западно од Тирана, но неговата разорна сила беше почуствувана насекаде низ Балканот, како и во јужна Италија.
Неколку часа подоцна земјотрес со јачина од 5,4 степени ја погоди и Босна и Херцеговина, но нема податоци за повредени.
Најголем дел жртви- 10, беа пронајдени во урнати згради во Драч, додека 42 лица биле извлечени живи од урнатините. Во Туман загинале пет луѓе, а еден во градот Курбин. Меѓу загинатите е и една постара жена која сепак успеала да го спаси својот внук заштитувајќи го со своето тело.
Во спасувачките операции вклучени армијата, полицијата и пожарникарите, а помош испраќаат сите соседни земји и членките на НАТО.
Според албанските органи, ова бил најсилниот земјотрес забележан во земјата во последните 30 години.