Албанија доби многу задачи од ЕУ
12 јули 2014Во полиција, во болница или во деловниот живот - се’ едно: корупцијата и митото во Албанија се секојдневие. На скалата на антикорупциската организација Транспаренси Интернешнл Албанија е на 116 место меѓу 177 земји. Но, тоа сега треба да се промени. Албанија е на добар пат, смета не само Европската комисија.
Еди Рама, премиерот на Албанија, истакнува:
„Корупцијата е голем проблем насекаде во светот, на Балканот и во Албанија исто така. Затоа ние започнавме суштинска борба против корупцијата и организираниот криминал. Фактите секојдневно покажуваат дека сме на добар пат и дека ја менуваме состојбата“.
Новата социјалистичка влада е на власт само девет месеци. Таа веќе спроведе некои реформи, на пример кај даноците - укинат е спорниот универзален 10-процентен данок. Општините и градовите треба да бидат споени. Со комуналната реформа треба да стане поефикасна управата на државата со 3 милиони жители. И ЕК постојано го бараше тоа, како и реформа на судството. Меѓутоа, Албанија економски е многу слаба - таа е на помалку од 30 проценти од просекот на ЕУ. Со кандидатскиот статус, земјата треба тоа брзо да го надомести.
„Албанското стопанство, се разбира, ќе профитира. Тоа ќе биде фантастично за угледот на земјата, за расположението во неа и за јакнење на перспективата која им е потребна на земјата и на луѓето“, смета Рама.
Можеби потоа и реформите, на пример повеќе во насока на пазарно стопанство, ќе бидат поедноставни. Но, ќе поминат уште години додека Албанија да може да биде примена во ЕУ.