1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако дојде до криза со гасот, македонските домови може да останат студени

Марина Максимовиќ/ А.Трајковска 23 октомври 2014

За никој во Европа оваа зима да не остане без греење, ЕУ и Западниот Балкан мораат да ја унапредат енергетската инфраструктура, соработката и солидарноста. Во случај на проблеми со рускиот гас, Брисел има свои предлози.

https://p.dw.com/p/1Db2o
Фотографија: picture-alliance/dpa

Реченицата „доаѓа зима“ стана симбол не само за познат американски серијал, туку за општата атмосфера која во Европа владее од самиот почеток на украинската криза. И токму како „во филм“ пред самиот крај ситуацијата е напната: метеоролозите најавуваат студена зима. Грејната сезона веќе почна, а ЕУ, Русија и Украина сѐ уште немаат постигнато согласност за т.н. „зимски пакет“, кој барем до пролет би осигурал топли домови за голем број граѓани на Европа.

Последната порака од Брисел гласи дека Европската унија и Украина ќе ги „истражат начините“ како до 29. октомври, само два дена пред истекот на договорениот рок за исплата на првиот дел од украинскиот долг кон Русија, да „го затворат финансискиот јаз“. И додека ЕУ од една страна разгледува како да му помогне на Киев, до крајот на годината да исплати долг од 3,1 милијарди долари за гас, што би осигурало непречен транзит на овој енергенс до земјите членки, Брисел од друга страна размислува за „план Б“.

Се разгледуваат две сценарија. Првото е- доколку дојде до целосен прекин на увозот на гас од Русија и второто- испораката да е „попречена“ на украинската транзитна територија и тоа во траење од еден до шест месеци. Резултатите добиени со анализата на системите на гас на европските земји, вклучувајќи ги и националните потреби, можноста за премин на други енергенси, инфраструктурата и прекуграничната солидарност и соработка го запалија „црвеното светло“ на подрачјето на Балтикот и Западниот Балкан. Во извештајот на Европската комисија се наведува во случај на „подолго пореметување“ во испораката на гас домовите во Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, но и Финска и Естонија би можеле да останат студени.

Енергетски аларм над Балканот

Кога станува збор за криза во снабдување со гасот, земјите на Западниот Балкан се делат во две категории. Првата ја сочинуваат Албанија, Црна Гора и Косово, кои според извештајот на ЕК немаат ниту пазар, ниту потрошувачка на природен гас. Во другата група се Србија, Босна и Херцеговина и Македонија кои гас за своите потреби увезуваат првенствено од Русија и тоа преку Украина. Европската унија оценува дека капацитетите на националните инфраструктури за гас на тие земји се многу ограничени и како такви претставуваат проблем за „флексибилен проток на гас од различни извори“.

„Во Босна и Херцеговина и во Македонија постои само една рута за снабдување со гас, додека во Србија една излезна и една влезна точка, без можност за промена на насоката на неговиот проток“, предупредуваат од Европската комисија и предвидуваат дека во случај на проблем во испораката на гас од Русија, би дошло до „сериозни последици, вклучувајќи ги и потрошувачите во домаќинствата“. Се проценува дека во рок од неколку денови, најмногу недели, достапноста на гасот во БиХ и во Македонија би била намалена за 80 до 100 проценти, додека Србија поради домашно производство и можноста за складирање на гасот, би имала безбедно снабдување на топланите и домаќинствата до февруари 2015 година.

South Stream Pipeline Serbien Gazprom 13.06.2014
Србија сепак, поради домашното производство и можноста за складирање гас може да смета на безбедно снабдување на топланите до февруари 2015 годинаФотографија: picture-alliance/AP

Како едно од можните интерни решенија во случај на недостиг на гас во регионот, Брисел наведува можност за замена на овој енергенс со нафта (до 30 проценти во текот на зимата во БиХ и Србија) или електрична енергија. Истовремено се предупредува на недоволни залихи со нафта во Србија и БиХ, но и на неподготвеност на индустркискиот сектор во тие земји да се прилагоди на евентуална замена на енергенсот.

Унгарија важна за регионот

Во ситуација кога самата Европска унија, која од Русија увезува преку 50 проценти од потребните енергенси, почнувајќи од гас, нафта до јаглен, сѐ уште разгледува каде постои можност за изнаоѓање „алтернативни извори“, Брисел ги повикува земјите членки на Унијата, како и членките на Енергетската заедница (Албанија, БиХ, Македонија, Србија, Молдавија, Украина и Косово) да не се ограничат само на националните потреби, туку меѓусебно да соработуваат.

EU-Kommissar für digitale Wirtschaft Günther Oettinger ARCHIV 24.06.2014
Гинтер Етингер: со соработка и солидарност ниту едно домаќинство нема да остане студеноФотографија: picture-alliance/dpa/Julien Warnand

„Ако соработуваме, ако покажеме солидарност и ги примениме препораките, ниту едно домаќинство во ЕУ нема да остане студено оваа зима“, порача европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер. Во Европската комисија велат дека е во прашање изградба на доверба и соработка во областа на енергетиката меѓу европските земји, како во кризни така и во редовни ситуации. Како клучна земја за гасна интерконекција во регионот се смета Унгарија. Како што веќе беше случај за време на гасната криза 2009 година, Унгарија е единствената гасна поврзаност за Србија, а низ неа и за БиХ. Унгарија е поврзана со гасовот и со Хрватска, која пак може да добие гас од Австрија и Словенија.

Европската комисија затоа ја повика Будимпешта да потпише договор за безбедност на испораката во кризни ситуации со соседните земји, за да се проценат потребите од доток на гас во Унгарија и транзит кон соседите. Унгарија, БиХ и Србија во ноември би требало да ги почнат консултациите за пристап на трета страна кон постоечките гасоводи. Од Белград исто така се бара да обезбеди ефикасен пристап на своите складишта и гасоводи како и да преземе чекори во правец на изградба на бугарско-српски интерконектор, кој би требало да биде функционален во 2015 година.

Босна и Херцеговина се потсетува на неоходност на реформа на гасниот сектор на национално ниво, која од јануари 2015 година би требало да овозоможи пристап на трета страна, и да го разреши прашањето за дистрибутер со цел флексибилно корстење на енергетската инфраструктура. Во Брисел напоменуваат дека меѓу земјите на Балканот досегашната соработка во областа на гасната сигурност е релативно слаба, како и дијалогот на таа тема со Европската унија.