1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агресивното лице на национализмот

Г.Боруд/Т. Ваксберг/Б. Георгиевски6 март 2014

Зголемениот број напади врз малцинствата во Бугарија ги алармира набљудувачите. Тие сметаат дека насилството е генерирано од национализмот, а тој има корен во начинот на кој Бугарите ја читаат сопствената историја.

https://p.dw.com/p/1BLDC
Фотографија: reuters

Ослободувањето на обвинет за убиство со кауција може да предизвика протести во било која земја во светот. Но, овојпат во Софија приказната е поинаква. Минатата недела, беше ослободен човек кој не само што е обвинет за убиство, туку е и симбол на расно мотивираното насилство кое веќе извесно време во Бугарија минува неказнето.

Минатата година, чуварот Петко Еленков уби тинејџер Ром, кој наводно прескокнал преку оградата на магацин за фрижидери во Софија и се обидел да украде старо железо. 50-годишниот Еленков вели дека е невин. Една година по убиството судењето сѐ уште не е започнато. Еленков е ослободен со кауција од 2.500 евра, а тоа предизвика протести на Ромите кои бараа правда. Потоа уследија и националистички и про-нацистички контра-протести.

„Национализмот е во пораст во Бугарија“, вели Даниела Михајлова, раководител на Иницијативата Еднакви можности, невладина организација со седиште во ромското гето во Софија. Според неа, „ова ново ниво на насилство е резултат на растот на национализмот кој долго време е без контрола. Кога такво насилство ќе се случи, а медиумите ќе напишат нешто во стилот 'Добро е, Ромите си го добија заслуженото', луѓето почнуваат да мислат дека таквата реакција е нешто природно и легитимно“.

Nationalisten Protest Bulgarien Sofia 4.3.14
Протести за ослободување на ЕленковФотографија: BGNES

Ромите се најчеста цел на напади

Ромите, чиј број во Бугарија изнесува околу 400 илјади, се најголемата и најчесто напаѓаната етничка група во земјата. Но тие не се единствената цел на говорот на омраза и дискриминација.

„Националистите целат кон 'другите'“, вели Соломон Бали, претседател на Бугарскиот комитет на еврејската организација Б'наи Б'рит. „Во другите спаѓаат и муслиманите, евреите, геј заедницата и бегалците од странство“.

„Нападите стануваат почести, поагресивни и погласни во последните години“, вели Бали. Во последната деценија, тој се присетува на сквернавењето на еврејските гробишта во Ќустендил, палењето на џамијата во Бургас, и „неограничената пропаганда и фанатизам преку интернет и социјалните мрежи“. Медиумите јавија за десетици вооружени напади врз африкански и азиски бегалци само во текот на изминатата зима. Минатиот месец, националистичка група нападна џамија во Пловдив со камења, кршејќи ги прозорците на зградата која датира од 15. век.

Moschee Bulgarien Sofia 4.3.14
Џамијата во Софија во повеќе наврати беше цел на нападиФотографија: BGNES

„Само неколку од овие случаи беа третирани од обвинителството како етнички или верски мотивирани. А еден од нив беше случај на Ром кој беше обвинет дека навредувал Бугари“, вели Красимир Канев, претседател на Бугарскиот Хелсиншки комитет.

Иако е членка на ЕУ од 2007. година, Бугарија е сѐ уште под специјален мониторинг на Европската Комисија. Бројни државни институции денес се под влијание на Атака- националистичка партија која за првпат влезе во парламентот во 2005. година, со освоени околу 9 отсто од гласовите. Денес, пратеник на Атака претседава со парламентарната комисија за етика, а партијата има претставник и во комисијата за заштита од дискриминација. „Не е изненадување што нивните одлуки почесто ја поддржуваат дискриминацијата, наместо да се борат против неа“, вели Канев.

Ксенофобија од историските читанки

„Отворено националистичката и ксенофобична реторика се овозможува поради начинот на кој историјата се разбира и се предава во училиштата“, вели Христо Иванов, директор на Бугарскиот институт за правни иницијативи. Аналитичарите се согласни дека перцепцијата на историјата во Бугарија води кон раѓање на националистичко насилство.

Пред само една деценија, Бугарија се промовираше како земја со уникатен „етнички модел“ на толеранција, цитирајќи два примера: спасувањето на околу 50 илјади бугарски Евреи во 1943. година за време на Втората светска војна, и враќањето на правата на турското малцинство во 1989. година, откако претходно тие беа укинати од комунистичкиот режим.

Nationalisten Protest Bulgarien Sofia 4.3.14
Протести на националистите во СофијаФотографија: BGNES

Но таквите примери веќе ретко се споменуваат. „Многу Бугари ја негираат улогата на нивната држава во депортацијата на македонските и грчките евреи во концентрационите логори“, вели Бали. „Што е уште пострашно, доколку некоја личност од еврејско потекло ги спомене тие случаи, тој се осудува како неблагодарен“.

Мнозинството Бугари не го признаваат прогонот на муслиманското малцинство кое се случуваше во текот на целиот 20. век. Обете негативни епизоди од бугарската историја не се споменуваат во историските учебници во училиштата. „Во училиштата и во официјалниот дискурс, бугарската историја и натаму е политичка историја на мнозинството, која не остава простор за гледиштето на малцинствата“, вели Иванов.

Според него, пишувањето на историјата е поставено во монолитна конфронтација „ние против нив“. „На тој начин, не учат колективно да се идентификуваме како жртви на различни неправди, и тоа што ни останува е или да се плашиме од соседите или да се надеваме на одмазда“, вели Иванов.