Европскиот ислам е без алтернатива
13 јануари 2015Разбирливо е по перфидните напади во Париз да се поставуваат добро познатите прашања: дали исламот во сржта е религија која ги презира луѓето и го слави насилството? Може ли во светите страници на оваа светска религија да се прочита формула која ги легитимира оргиите насилства на разулавените џихадисти? И уште поважно: дали е неуспешна интеграцијата на муслиманите во Германија и во Европа? Овие прашања се секако оправдани. Но сепак тие ја заобиколуваат главната проблематика, а тоа е прашањето на консензус на исламската религија со достигнувањата на модерното и со вредностите на слободно-демократски уреденото општество.
Дека не постои еден „ислам“ како статична, непроменлива целина, тоа во меѓувреме најверојатно стана општопознато. Ни муслиманите не се монолитен блок- никаде во светот. Во секоја исламски проникната земја всушност се пропагира и практикува некој друг ислам. Строго вахабитскиот ислам во Саудиска Арабија го делат светови од владејачкиот, шиитски државен ислам во денешен Иран. А во многу економски успешни исламски земји како Малезија и Турција веќе одамна се етаблираше прагматично-конзервативниот исламски „центар“.
Оваа специфичност на исламот јасно открива дека муслиманите на крајот сами одлучуваат за тоа што ќе дефинираат како „исламско“, во целост независно од тоа каде и кога живеат. Сунитскиот ислам не е означен со хиерархии и тој не познава врховен авторитет како што е тоа папата во католичката црква. И тоа не води до важното суштинско прашање кое би требало да се постави по нападите во Париз: кој ислам во Европа всушност сакаме да го имаме?
Успесите во натурализација на исламот
Поради емоционалната и контроверзно водената дебата се заканува опасност од предвид да ги загубиме важните успеси од последните години. Со конструирање на Германската исламска конференција (ДИК) во 2005. година и со тоа поттикнување на процесот на натурализирање на исламот во слободното-демократско уредување започна нова ера на германското разбирање на државата.
И покрај сите спротивности и расправии, овој процес на отворен дијалог меѓу државите и нејзините муслимани во Германија во корен ја промени меѓусебната перцепција и видливост на исламот. Иако политичките сили го користат „исламот“ како проекциска површина за тешко опипливи стравови и се’ почесто го злоупотребуваат, не може да се негира успехот на активната интеграциска политика.
Во меѓувреме на покраинско ниво беше постигнат напредок со воведувањето конфесионална исламска настава во државните училишта. И релативно успешното етаблирање на катедрата за исламска теологија на тукашните универзитети ветува и сигурно ќе даде важен придонес за тоа во Германија и во Европа да се развие автентичен, демократски компатибилен ислам и „увезеното“ толкување на исламот ќе го направи застарено.
Поради тоа што исламот секогаш бил дете на своето време а исламската теологија производ на политичка моќ, државата и општеството би требало да сторат се’ за да се забрза европеизацијата на исламот. Дека тоа е без алтернатива, на брутален начин ни покажуваат ужасните терористички напади во Франција.