1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аврамопулос му контрира на Иванов

ЖА/миа28 септември 2012

Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос во обраќањето пред Генералното собрание на ОН ја обвини Македонија дека шири иредентизам, а претседателот Ѓорге Иванов дека користи реторика од 19. век.

https://p.dw.com/p/16GnA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Обвинувањата на Аврамопулос се одговор на повикот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов до членките на Обединетите нации дека треба на Македонија да и‘ се обраќаат како што доликува на 21 век.

„Прашањето за името на Поранешната Југословенска Република Македонија е поголемо од неговата семантичка диманзија и е важен дел од задачата на смирување на иредентистичките тенденции и обидите за фалсификување на историјата на нашиот регион. Бев информиран за тоа што го кажал претставникот на Поранешната Југословенска Република Македонија денес во Генералното собрание. Искривувањето на реалноста пред целата меѓународна заедница и користењето на реторика од 19. век во 21. век е контра-продуктивно и не не води никаде“, изјави Аврамопулос, кој се обрати пред Генералното собрание вчера (27.09), во доцните вечерни часови.

Аврамопулос од говорницата ги повтори познатите грчки ставови за спорот, дека Македонија треба да прифати едно име со географска одредница, кое би се употребувало во сите ситуации – ерга омнес. Аврамопулос ги потсети делегатите во салата дека Македонија е географски регион во кој се содржани териториите на три држави, а најголемиот дел од Македонија и‘ припаѓа на Грција.

Притоа, Аврампулос направи лапсус, кога кажа дека вториот најголем дел од географската област Македонија е во Бугарија, додека на Република Македонија и‘ го остави најмалото парче.

Аврамопулос ја претстави Грција како голем инвеститор во Македонија и најави дека по евентуалното решение на спорот, Грција ќе биде најголем поддржувач на македонските евроатлански интеграции.