1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистанците плаќаат висока цена за изборите

Масуд Саифулах
20 октомври 2018

Од американската инвазија во 2001, секои наредни избори беа одбележани од сѐ поголеми измами и нерегуларности. Експертите велат дека тоа е последица на лабавите демократски темели на земјата.

https://p.dw.com/p/36qAo
Afghanistan - Wahl
Фотографија: Getty Images/AFP/H. Hashimi

Кога меѓународната воена коалиција предводена од САД го собори талибанскиот режим во Авганистан во 2001 година, таа разбуди надежи за демократско будење на земјата уништена од војни.

Но 17 години подоцна не е тешко да се заклучи дека таквите надежи останаа неостварени. Обвинувањата за измами и нерегуларности фрлија сенка врз претседателските избори во 2004 и парламентарните избори во 2005 година.

Но со оглед дека тоа беа први избори во земјата одржани по децении војни и граѓански немири, многумина веруваа дека ситуацијата ќе се подобри со текот на времето. Ваквите очекувања не се остварија на претседателските избори 2009 година, кои ги одбележаа безбедносни проблеми, обвинувања за распространето полнење на избирачките кутии и други изборни измами.

Вториот круг од гласањето, во кој требаше да се избира меѓу кандидатите Хамид Карзаи и Абдула Абдула, беше откажан откако Абдула одби да учествува, а Карзаи беше прогласен за претседател со уште еден петгодишен мандат.

Падот на квалитетот на авганистанските избори продолжи и на парламентарните избори во 2010 година, кога многу поранешни господари на војната и локални автократи си обезбедија место во парламентот.

Вистинскиот повик за будење за меѓународната заедница, меѓутоа, дојде со претседателските избори во 2014 година, кои безмалку ја доведоа земјата до граѓанска војна.

И двајцата тогашни претседателски кандидати, Ашраф Гани и Абдула Абдула, самопрогласија победа и нивните приврзеници се заканија дека ќе формираат паралелни влади доколку нивниот лидер не биде прогласен за победник,

Кризата беше надмината дури откако интервенираа САД и посредуваа во постигнувањето договор за поделба на власта меѓу двајцата лидери.

Afghanistan - Wahl
Фотографија: Getty Images/AFP/W. Kohsar

Безбедносни грижи

Лошото искуство на земјата не влева премногу доверба во способноста на Авганистанците да спроведат слободни и фер избори. Влошувањето на безбедносната ситуација е дополнителен проблем за властите и ги компликува нивните напори за одржување на изборите.

Во тој контекст, очекувањата на јавноста од претстојните парламентарни избори се мали, дури и за авганистански стандарди.

Со оглед на актуелните безбедносни предизвици, можеме да преземаме иницијативи само за „лимитирање на измамата“, вели амбасадорот на ЕУ во Авганистан, Пјер Мајадон.

„Мислам дека е најважно резултатите од гласањето да бидат прифатливи за луѓето во Авганистан, односно дека измамите треба да бидат ограничени“, изјави Мајадон за ДВ.

Влошената безбедносна ситуација има тешки последици не само за гласачите, туку и за кандидатите. Од почетокот на предизборната кампања за гласањето на 20 октомври, најмалку 10 кандидати беа убиени во напади на бунтовниците.

Милитантите убија или ранија стотици Авганистанци во последните неколку месеци.

Талибанците и другите бунтовнички групи се заканија дека ќе нападнат за време на изборите, тврдејќи дека тие им се наметнати на Авганистанците од страна на странците.

Сето ова може да ги обесхрабри Авганистанците да го дадат својот глас, велат аналитичари: „Зашто би го ризикувале својот живот за да гласаат на избори кои сигурно ќе бидат далеку од беспрекорни“, прашува Мајкл Кагелман од центарот „Вудроу Вилсон“ од Вашингтон

Afghanistan Kabul Wahlplakat Parlamentswahl
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Gul

Како Авганистанците дојдоа до ова дереџе?

Би било за очекување Авганистан да има подобри демократски темели по 17 години странска вклученост во безбедноста и развојот на земјата. Сепак, изборните институции досега не успеаја да спроведат избори на транспарентен, слободен и фер начин. Професорот на универзитетот во Кабул, Фаиз Мохамад Заланд, смета дека ја знае главната причина за тоа:  „Западот се обиде прерано да му наметне демократија на Авганистан без да ги зајакне неопходните темели“.

Друг фактор, кој придонесе за неуспех на изборите во Авганистан е отсуството на политички партии со идеолошки центар. Повеќето од речиси 50 регистрирани партии во земјата се екстремно зависни од определени индивидуи без или со многу слаба идеологија.

Повеќето лидери на главните авганистански партии се обвинети за злосторства и прекршување на човековите права за време на авганистанската граѓанска војна во 1990-те години.

По претстојните парламентарни избори, Авганистан ќе одржи и претседателски избори во наредната година и многумина стравуваат дека административната и безбедносна ситуација во земјата може само натамошно да се влоши.