1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистанците им пркосат на талибанците

ЖА/дпа/ртре15 јуни 2014

Во експлозија во автобус во Авганистан загинаа 11 луѓе, меѓу кои и четири лица од изборни комисии. Во нападите за време и по вчерашниот втор круг претседателски избори има 250 жртви, но излезноста е околу 60 проценти.

https://p.dw.com/p/1CIko
Фотографија: DW/Yosofi

Вториот круг претседателски избори во Авганистан, кој беше одржан вчера, беше засенет од напади, подметнати бомби и престрелки со околу 250 загинати. На север во Авганистан во експлозија на автобус загинаа 11 луѓе меѓу кои и четири лица од изборни комисии. Експлозијата на автобус се случи поради подметната бомба во вечерните часови откако избирачките места беа затворени.

Денот на изборите со тоа беше најкрвавиот во Авганистан од соборувањето на талибанците во 2001. година. Талибанците се обидоа преку насилство, 273 напади и подметнати бомби, да го спречат гласањето, соопшти авганистанското министерство за одбрана денеска (15.06.2014).

Во вториот круг претседателски избори конкуренти беа поранешниот министер за надворешни работи Абдула Абдула и поранешниот министер за финансии Ашраф Гани. Ова е првиот демократски изборен дуел во историјата на земјата. Над седум милиони Авганистанци вчера им прокосеа на заканувањата на талибанците и избираа наследник на претседателот Хамид Карзаи. Излезноста изнесува околу 60 проценти, далеку над очекувањата, при што 38 проценти од гласачите биле жени. Државната изборна комисија, поради бавното пребројување на гласовите и проверките на обвинувањата за фалсификување, најави соопштување на резултатите дури за 2. јули, а на официјалните на 22. јули. Новиот претседател би требало да да стапи на должност на 2 август.

Заменикот министер за внатрешни работи Мохамед Аџуб Саланги соопшти дека талибанските борци на денот на изборите им ги отсекувале на гласачите десните показалци, маркирани со мастило. Талибанците им се заканија со убиства на оние кои ќе излезат да гласаат. Според владата, во обезбедувањето на изборите биле ангажирани 400.000 војници и полицајци.

САД, Германија и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун високата излезност на изборите ја оценија за охрабрувачки знак. Во Кабул и во други градови пред избирачките места имаше долги редици. Сепак, во одделни гласачки места во селата заканите на талибанците успеале да предизвикаат страв, а има и случаи на жалби за фалсификување на изборите. Двајцата кандидати за функцијата претседател се надеваат на свој успех. Актуелниот шеф на државата Карзаи им честиташе на своите сонародници за тоа што гласале со храбро срце и со тоа и‘ донесле гордост на својата земја.