1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистанките со нелегални абортуси спречуваат „срам“

Васлат Хасрат-Назими / Александар Методијев12 мај 2014

Контролата на раѓањето е табу во Авганистан. Земјата има највисоки стапки на наталитет во Азија. Многу жени абортираат нелегално, за да не бидат социјално изолирани и да спречат семејството да стане преголемо.

https://p.dw.com/p/1BuNg
Фотографија: Rapid eyes movies

„Проголтав апче за да го абортирам бебето“, тивко раскажува Лина, чие име во текстов е променето, поради заштита на идентитетот. Таа не жали за својата одлука, бидејќи смета дека немала друга опција.

„Мојот сопруг беше осуден на затворска казна, откако беше обвинет дека бил вклучен во напад. Јас веќе бев бремена. Мојата фамилија се чувствуваше засрамена и велеше дека секој ќе праша од каде дојде детето“, додава таа.

Лина има дваесет и некоја година и живее во мало село на истокот на Авганистан. Општеството е екстремно конзервативно и тука преовладуваат стриктни правила, а товарот од нив најчесто го носат жените. Лина била свесна дека нејзиниот срам, иако сето тоа било засновано на гласини, би можел да доведе до смрт на целата фамилија, бидејќи на бременоста би се гледало како на огромна брука. Таа за Дојче веле објаснува дека познава многу жени кои абортирале.

„Едноставно одиш на доктор, ги добиваш вистинските апчиња од хемичарот и по некое време детето умира“, објаснува Лина.

Абортирањето останува нелегално

Денес абортирањето во Исламската Република Авганистан е нелегално, освен ако животот на мајката не е доведен во опасност или, пак, доколку постои ризик детето да биде родено со тешка попреченост.

Afghanistan Flüchtlinge
Авганистанските жени во просек имаат по пет децаФотографија: DW/H. Sirat

Силувањето и инцестот не се гледаат како доволно добра основа за абортус, вели Малика Пајгам, доктор кој работи во градот Херат на западот на Авганистан.

„Ако мајките или децата имаат здравствени проблеми, тогаш гинеколог и тројца општи лекари можат да извршат абортус, откако ќе биде спроведено советување“, објаснува доктор Пајгам.

Освен тоа, докторот мора да даде дозвола, како што дава и Советот на религиозни учители.

„Знам дека е убиство да се абортира дете. Но, јас мислев дека или ќе се убијам себеси или ќе го убијам моето дете“, вели Лина.

Таа веќе има три деца. Таа пораснала со впечатокот дека ова е работа што мора да ја заврши авганистанската жена. Авганистан има највисоки стапки на наталитет во Азија. Просечната жена има пет деца. Според традиционалниот начин на размислување, големото семејство ќе го осигура преживувањето на семејството. Посебно се посакувани и негувани момчињата.

Но, многу семејства би сакале да имаат неколку деца или воопшто да немаат, но недостатокот на информации за контрацепција ги спречува во таквата намера. Статистиките од УНИЦЕФ велат дека 79 проценти од авганистанските жени не користат контрацепција.

Kranke Frauen in Afghanistan
Контролата на раѓањето и планирањето на семејството се теми кои им се непознати на авганистанските жениФотографија: picture-alliance/dpa

„Абортусот е единствената форма на контрацепција што тие ја познаваат“, вели Адела Мубашер од Светската здравствена организација во Авганистан. „Бидејќи тоа е нелегално, тие се обраќаат кај традиционалните бабици, а тоа носи голем ризик, бидејќи тие често не се едуцирани и не знаат како да се справат со крварењето и компликациите“, додава Мубашер.

За да го избегнат ова, некои жени се обраќаат во скапи приватни клиники, кои се познати по спроведувањето абортуси.

„Често младите жени доаѓаат бремени пред стапувањето во брак и сакаат абортус“, вели Мохамад Хашем Вахај од приватната болнива „Вахај“ во Кабул. „Ние имаме лиценца од Министерството за здравство и се држиме до правилата“, додава Вахај. Министерството за здравство потврдува дека клиниките се информирани за законот.

Растечка свесност

И покрај одредени напори за подобрување на ситуацијата, здравствените структури остануваат несоодветни за жените во Авганистан. Според статистиките од УНИЦЕФ, ширум Авганистам умира по една жена на секои два часа поради одредени причини поврзани со бременоста. Според сегашните услови, околу една на 50 жени во Авганистан има доживотен ризик од умирање поради такви причини.

„Нема доволно квалификуван медицински персонал“, критикува Северина Калуватс, гинеколог во „Доктори без граници“. „Маж-гинеколог не е прифатен и има само неколку жени-докторки“, додава Калуватс.

Затоа таа и нејзините колеги се заложуваат за зголемување на свесноста.

„Ние на жените им нудиме советување за здравјето и планирањето на семејството, бидејќи знаеме дека ова може да помогне да се спаси нивниот живот и животот на нивните деца“, додава Калуватс.

Лина се согласува дека мора да има дебата. Социјалните табуа не треба да бидат причина за многу абортуси во Авганистан.

„Сакам медиумите и исламистичките власти во земјата да зборуваат повеќе за планирањето на семејството“, нагласува Лина.