Авганистан: Ривалите ќе владеат заедно
8 август 2014Претседателскиот кандидат Абдула Абдула соопшти дека со неговиот ривал Ашраф Гани потпишале документ за создавање влада на национално единство. Претходно, американскиот министер за надворешни работи Џон Кери (на фотографијата со Гани и Абдула) пристигна во Кабул за да придонесе за наоѓање заеднички јазик по ова прашање.
Согласно постигнатиот договор, независно од резултатите од претседателските избори, одржани на средината од јуни, ќе биде основана влада на национално единство, а двајцата кандидати се обврзуваат на соработка. Абдула изјави дека постигнатата согласност е чекор напред на патот кон национално единство во земјата и значи „надеж за подобра иднина на авганистанскиот народ“. Во договорот на Абдула и Гани, како што јавува агенцијата Ројтерс, нема детали за составот на идната влада.
Ново пребројување на гласовите
Абдула не ги признава резултатите од вториот круг од претседателските избори. Абдула беше значително подобар во првиот круг, но во вториот Гани има повеќе гласови. Двајцата кандидати на крајот се согласија на ново пребројување на гласовите, кое се одолговлекува.
НАТО треба да ги повлече своите борбени трупи од Авганистан до крајот на годинава. Во годините што следуваат земјата треба да се стабилизира преку мисија на обука и поддршка на борбените сили на Авганистан. Договорот за мисијата не е потпишан, поради тоа што претседателот Хамид Карзаи сакаше тоа да му го остави на својот наследник.