1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Авганистан: елитата во бегство

Флоријан Вајганд/бг28 април 2015

Покрај талибанците, на Авганистан сега му се заканува и „Исламската држава“. Оној кој може, бега од земјата. Многумина остануваат во соседството, а некои бегаат и на Запад, и тоа пред сѐ интелектуалната елита.

https://p.dw.com/p/1FFhl
Фотографија: picture-alliance/Ton Koene

Веќе повеќе од 30 години Авганистан бележи најголем број на бегалци. Минатите години единствено од Сирија избегале повеќе луѓе од таа средноазиска држава. Во долгата низа војни, диктатури и економски кризи, Авганистан во последните децении го напуштиле над 6 милиони луѓе. А егзодусот продолжува. Најголемиот дел од бегалците завршија во соседните земји, во Иран и Пакистан, каде многумина работат работи кои домашните не ги сакаат, како помош во домаќинствата и земјоделство, често на работ на легалноста и под постојана закана да бидат протерани. Само мал дел од иселените Авганистанци заминаа на Запад. Главно се работи за добро образованата елита која има доволно врски и финансиски средства, што е неопходно доколку се сака да се стигне до некоја од западните земји. Таа елита некогаш во Авганистан работеше во управата, образованието и медиумите.

Шармила Хашими е дел од таа елита која му го врти грбот на Авганистан. Некогашната портпаролка на владата во покраината Херат, заедно со сопругот- новинар, пред две години, со помош на шверцери успеа да дојде до Берлин.
„Притисокот на талибанците врз нашето семејство беше едноставно преголем“, објаснува Шармила во својот нов германски дом.

Преведувачи - предавници!

Во германските медиуми во последните години многу се расправаше за една специфична група на иселеници од Авганистан - преведувачите, кои поради своите услуги на странците станаа трн во око на засилените талибанци. Две третини од преведувачите кои работеа за германските сили во Авганистан поднесоа барања за азил во Германија. Но 60 проценти од тие барања беа одбиени. Притоа, животите на тие луѓе се во постојана опасност.

Afghanistan Übersetzer Bundeswehr
Еден од преведувачите на Бундесверот во АвганистанФотографија: picture-alliance/dpa

„Една ноќ ме повика еден маж и ми објасни дека, работејќи за Германците, сум ја издал земјата и дека сега, за да се спасам, морам да се борам против странците и владата“, објаснува Алилах, кој во покраината Кундуз пред неколку години работел како преведувач за германските единици. Стравот е основан. Неговиот колега Вафа, кој исто така работел како преведувач, е пронајден убиен во својот автомобил. Но и без конкретни закани, животот во Авганистан е сѐ, само не безбеден. Терористичките напади се дел од секојдневието.

ОН во 2014 година забележаа речиси 4 илјади цивилни жртви, што е пораст за 22 проценти во однос на претходната година. Покрај талибанците кои најавуваат офанзива против државната армија, во хаосот сега се вклучи и терористичката организација „Исламска држава“ која ја презеде одговорноста за неколку терористички напади годинава.

Стопанството пред распад

Покрај катастрофалната безбедносна состојба, животот во Авганистан е неиздржлив и поради економската состојба. Надежите дека, по минатогодишната победа на Ашраф Гани на претседателските избори, економската состојба ќе се промени, во меѓувреме спласнаа. Гани, поранешен економист во Светската банка, вети економски процут, но досега не се смени ништо. Економскиот раст всушност нагло падна, од 9 отсто во периодот меѓу 2003 и 2012, на само два процента минатата година. Повеќе од една третина од населението е невработено. Во таква ситуација, дури ни оние со добро образование немаат многу шанси. Вработувањата главно се делат преку врски.

Afghanistan Flüchtlinge kehren aus Pakistan zurück
Авганистански бегалци во ПакистанФотографија: Reuters/F. Aziz

Сепак, многу интелектуалци кои денес живеат на Запад се наоѓаат пред голема лична дилема: од една страна е желбата за подобар живот, а од друга, свеста за тоа дека ја оставиле својата земја на цедило. За тоа е свесен и поранешниот универзитетски професор Педрам Торкам, кој го напуштил Авганистан и побарал азил во Шведска.

„Соочени сме со голема дилема. Загубата на академската и културната елита во Авганистан ја остава земјата во ситуација на автомобил без возач“.