Авганистан: Влада со рок на траење?
21 септември 2014Во Авганистан се спроведува првата демократска смена на власта. Претседателот Хамид Карзаи го ослободува патот за победникот од изборите на 14. јуни. Двајцата ривали за претседателската функција денеска потпишаа спогодба за формирање на национална влада на единство. Ашраф Гани станува претседател, а неговиот конкурент Абдула Абдула ја презема премиерската функција, која сега се воведува.
Но, новата влада долгорочно тешко ќе може да се одржи, сметаат експертите. „НАТО врши притисок, но решението е краткорочно. Тоа ќе функционира само во блиска иднина“, уверен е Конрад Шетер, директор на International Center for Conversation (BICC) во Бон.
Различни личности
Шетер смета дека личностите на двајцата претседателски кандидати, кои сега ќе ја формираат владата на единство, едноставно се премногу различни. На поранешниот менаџер на Светска банка Ашраф Гани и неговиот ривал Абдула Абдула ќе им биде тешко да соработуваат.
„Да го видиме само Ашраф Гани: Мислам дека за многу луѓе е прилично тешко да работат со него. Тој точно знае што сака и не толерира никаков приговор“, вели Шетер. Но, Шетер дополнува дека гледа и преклопувања. Двајцата кандидати имале некои слични политички претстави. „И двајцата сакаат присуство на НАТО во земјата и двајцата се покажаа отворени за развојот на земјата“, вели Шетер.
На преговарачка маса
Околу изборите во Авганистан на површина излегоа разликите во мислењата, кои земјата речиси ќе ја доведеа до работ на граѓанска војна. Кога стануваше збор за номинирањето на претседалските кандидати, поддржувачите на некои кандидати ја обвинуваа конкуренцијата дека добива помош од владина страна. Во првиот круг од изборите, никој од кандидатите не однесе конечна победа поради што беше неопходен втор круг избори. Но вториот круг беше уште пооспоруван отколку првиот. Двајцата кандидати Ашраф Гани и Абдула Абдула се прогласија за победници и се обвинуваа меѓусебно дека ги манипулирале изборите. Политичката криза натамошно се влошуваше.
Дури по две посети на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери ситуацијата се смири и двајцата кандидати беа подготвени да преговараат меѓусебе. Кери посредуваше за постигнување компромис: Гласовите требаше одновo да бидат пребројани. Денеска Изборната комисија го прогласи Гани за нов претседател на Авганистан.
Големи предизвици
„Оваа влада нема да биде формирана преку нормална демократска постапка“, ја критикува процедурата Сајед Масуд од универзитот во Кабул. „Затоа за две до три години ќе имаме големи интерни проблеми.“ И додека траеше проверката на изборите, двајцата кандидати и нивните приврзаници продолжиле со меѓусебните обвинувања. Масуд смета тоа би можело да ја засени идната соработка.
Абдула ги обвинува Гани како и независната авганистанска Изборна комисија и претседателот во заминување Карзаи дека имаат заговор против него. Тие произвеле повеќе од еден милион фалсификувани противгласови. Гани напротив ја спушта топката околу обвинувањата на Абдула. Масуд е уверен дека двајцата кандидати се усогласиле поради притисокот на меѓународната заедница и нивните донатори за претседателските избори.
„Две спротивставени страни, кои изразуваат сериозни меѓусебни обвинувања, формираат заедничка влада“, резимира Масуд. „Оваа влада брзо ќе има големи проблеми, кои тешко ќе можат да се решат“. Штом ќе биде формирана новата влада, Кабул мора да потпише безбедносен договор во Вашингтон. Овој договор му овозможува на НАТО и по 2014 година да има стационирани трупи во земјата. Владата мора да излезе на крај и со бунтот на талибанците, кој му приреди големи проблеми на Авганистан во последните години. Сѐ уште е отворено во кој правец ќе тргне националната влада на единство во земјата.