1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А, со кафе и локум ќе ги понудите ли?

10 декември 2020

Што е „законско“ во решението, со кое армија од над илјада вработени допрва треба да биде замолена да прифати работно место, иако со години зема плата за нереализиран труд?

https://p.dw.com/p/3mVzg
Türkei Türkischer Kaffee
Фотографија: Imago/imagebroker

Што има воопшто ново во предложената законската формула со која треба да се распоредат над 1.300 лица вработени според програмата за соодветна и правична застапеност на заедниците, кои со години не одат на работа, а земаат плата? Исто такво решение беше најавувано и во март 2018 година, со тврдење дека дека процесот ќе трае околу два месеца и дека во првата фаза ќе бидат распоредени 958 вработени. Ништо од тоа не се случи. Во 2019 следеше нова најава. Оваа е трета.

Проблемот се влече се години, а револт предизвикува начинот на кој е замислено неговото решавање: на оваа категорија вработени двапати да им биде нудена опција за нивно распоредување во јавниот сектор. А, со кафе и локум ќе ги понудите ли?

Во понудата им е се ставено на располагање речиси се': државните и органите на локалната власт, агенции, фондови, јавни установи и претпријатија од областа на образованието, науката, здравството, културата, социјалната заштита, спортот... Тие што нема да го прифатат распоредувањето понудено во согласност со нивната професионална подготовка и местата од каде доаѓаат, нема да добијат отказ, туку ќе се префрлат во трансфер-листата на Министерството за информатичко општество и администрација. Таму ќе се одморат од првата понуда, а потоа ќе им биде понудена и втора опција. Ако и втората не ја прифатат, дури тогаш ќе им биде раскинат работниот однос.

Извинете, ама во време кога уметници и други лица кои вршат дејност во културата и категории длабоко засегнати од ковид -кризата треба да аплицираат за финансиска поддршка во износ од 6.000 денари, невкусно е ова да се најавува како „решение“. Ако градиме едно општество за сите, сите треба да бидат еднакви и во правата, и во обврските, па и во преземањето на товарот во актуелните состојби. Позитивната дискриминација, односно воведувањето на принципот за соодветната и правична застапеност на заедниците при вработувањето, е корисна алатка во намалувањето на нееднаквоста во пристапот до работни места на малцинските заедници наспроти мнозинската. Тој принцип даде, и дава резултати. Но, во што се може да претвори, сведочи самиот факт дека таа армија од над илјада вработени, допрва треба да биде замолена да прифати работно место, иако со години зема плата за нереализиран труд.

А во исто време, се чудиме зошто нема средства за здравствено осигурување за специјализантите, или за награда на здравствените работници, за полицајците и други професии, кои глава не кренаа од работа од почетокот на корона -кризата. Таа само ја потенцираше потценетоста на трудот во одредени професии, наспроти нивната максимална изложеност и во, и вон епидемијата. Но, ја потенцираше и леснотијата со која се мижи пред проблемот со оние кои со години добиваат плата за ништо.

Symbolbild | Parteienfinanzierung
Ако сакате да направите истражување што прават луѓето кои земаат плата за седење дома, нивните имиња стануваат недостапни, под изговор дека се работи за заштита на лични податоциФотографија: DesignIt/Zoonar/picture alliance

Тој проблем не е од вчера. Начинот на кој се вршеа вработувањата според потпрограмата К5 - соодветна и правична застапеност на заедниците, одамна предизвикува контраверзи. Уште во 2008 година Државниот завод за ревизија и' дал препорака Владата да го задолжи Министерството за финансии, согласностите за нови вработувања да ги дава по целосно исполнување на процедурите по потпрограмата К5, пропишани во законската регулатива. Наодите на ДЗР биле дека „органите во кои лицата се распределени не исполнуваат основни формално правни услови, односно немаат систематизирани работни места, а во некои нема обезбедено просторни услови. Поради ограничени просторни услови дел од нововработените државни службеници не можат физички да присуствуваат на работното место, а наведените слабости предизвикуваат исплата на плата за неизвршена задача".

Ако истиот проблем трае до денес, а бројката на вработенибез конкретна работа постојано расте, тоа значи дека 12 години ништо не било направено за меурот да не се претвори во балон пред експолодирање.

Проблемот има најмалку четири аспекта. Првиот е што вработени лица практично оствариле неоснована имотна корист бидејќи добивале пари без да работат. Вториот, многу поважен, е кој им овозможил да се вработат без да има потреба од нивните услуги, односно кој ја донел оценката за потреба од нивно ангажирање без систематизирани работни места (како што констатира ДЗР)? Трето, кој во сите овие изминати години водел грижа потпрограмата К-5 да не се претвори во клиентелистички бункер? И четврто, зошто оваа категорија вработени со години е под велот на нетрансапрентноста? Таа категорија циркулира само како бројка, но ако сакате да направите истражување што прават луѓето кои земаат плата за седење дома, нивните имиња стануваат недостапни, под изговор дека се работи за заштита на лични податоци. Токму од тие причини, до денес остана непотврден податокот од едно истражување пред две години, дека 200 до 250 од рамковно вработените живеат во странство, а овде и натаму земаат плата.

Ваков случај, ваков апсурд, не постои никаде во светот. За неодработените плати годишно се трошат меѓу 8 и 9 милиони евра. Колку изнесува вкупната сума за сите години на неработење, колку е оштетен буџетот, и кој го овозможил тоа, треба да се заинтересираат надлежните органи. Така се докажува заложбата за правна држава и за намерата да ја донесеме Европа дома.