Зошто никому веќе не му е потребна Ангела Меркел?
4 октомври 2022Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел минатата недела двапати се појави во јавноста: во Фондацијата Хелмут Кол се сретна со шефот на партијата ЦДУ, Фридрих Мерц, кој воопшто не и се допаѓа. А, во Гослар таа одржа говор на прославата на 1100-годишнината од тој германски град.
Не беше ништо спектакуларно и таа не кажа ништо навистина важно - оваа жена која многумина ја почитуваа долго време како спасител на западниот свет, особено кога во Вашингтон владееше Доналд Трамп.
А инаку? Меркел неодамна објави дека планира да ги објави своите мемоари есента 2024 година. Се друго е всушност тивко околу жената која владееше со Германија 16 години. А таа ера заврши само пред околу една година.
Причината за тоа е, се разбира, самата Меркел: го исполни она што го најави - очигледно повеќе не и треба јавноста. Но, пред сè, толку многу се случи од германските избори - што изгледа како да помина цела вечност откако таа повеќе не е канцелар.
Хаос во наследство
Во моменталната застрашувачка ситуација во светот ретко кој од Меркел бара совет или проценка. Зашто, се добива впечаток дека таа му остави прилично хаос на нејзиниот наследник Олаф Шолц (СПД) и на новата влада.
Повеќе од една и пол деценија таа не направи ништо за енергетската зависност на Германија од Русија. Таа ја преспа дигитализацијата на земјата. Штедењето ја уништи инфраструктурата и јавните институции. Во 2015 година, таа великодушно ги пречека бегалците во Германија, пред се од Сирија - но потоа повеќе не се грижеше за деталите од контролираниот процес на доселување.
И затоа на Ангела Меркел денес се гледа сосема поинаку отколку пред една година - ова се однесува на владејачката коалиција и нејзината партија ЦДУ. Сега малку се зборува за нејзината опуштеност, за тоа дека не била суетна, туку приземна.
Ангела Меркел се смета за одговорна не толку за погрешните политички одлуки што ги донесе - туку за политичките одлуки што не ги донесе.
Се разбира, евтино е да се обвинува дека погрешно го проценила рускиот претседател Путин, дека потценила колку е опасен. Речиси сите западни политичари го направија тоа. Но, она што може да се критикува е нејзиниот политички став - што помалку да бара од Германците, што помалку да ги оптоварува. Дефинитивно поминаа времињата кога беше можна ваква политика.
Порака од друг свет
Зборовите на рускиот претседател Путин мора да се сфатат сериозно и не смееме да го изгубиме од вид времето што ќе дојде по војната – рече Меркел на отворањето на фондацијата Хелмут Кол. Навистина звучи како порака од друг, речиси потонат свет. Затоа што сега навистина нема опасност воинствениот владетел на Кремљ да не биде сфатен сериозно. Но, за што точно треба да разговара еден политичар со него во време кога Путин тргнува на општа мобилизација на својата земја?
Можеби еден ден историската оценка за Ангела Меркел ќе биде нешто поблага, ако Западот, ако Германија успее да ја надмине најтешката криза од Втората светска војна.
Речиси една година откако Меркел повеќе не е на чело, тие суштински ја променија оваа земја. Економијата и општеството гледаат на иднината со длабока загриженост.
Не е виновна за тоа Ангела Меркел. Но, тоа јасно покажува што можела да направи во 16-те години на власт - ако имаше малку повеќе храброст.