Бездомниците изложени на ризици по здравјето и животот
8 јуни 2023Подложени на бројни предрасуди и стереотипи, оставени на маргините на општеството, бездомниците секојдневно се изложени на ризици по здравјето и нивниот живот. Иако точната бројка на лица кои живеат под ведро небо е тешко да се утврди, претпоставките се дека над 300 лица немаат кров над главата. Бездомништвото е комплексен проблем кој бара пристап од повеќе аспекти. Надлежните посочуваат дека е потребна поголема вклученост и координација на сите сектори во насока на надминување на проблемите со кои се соочува оваа категорија на лица.
Истражување
Појавата на бездомништвото во државава е присутна веќе подолго време. Застапена е во урбаните средини и е карактеристична за популацијата од сите возрасни и етнички заедници. Ова го потврдува и научното истражување поврзано со бездомништвото споредено во рамките на проектот „Патеки на бездомните лица: пред и за време на бездомништвото“.
.„Без оглед на причините кои ги довеле до состојба да немаат дом, за сите нив заедничко е тоа штонемаат услови за адекватно и соодветно домување, немаат сопствени извори на приходи, со кои би си овозможиле минимум егзистенција, делумно или целосно ги имаат прекинато врските со семејната и социјалната средина и живеејќи како бездомници, изложени се на бројни ризици по сопственото здравје и живот“, вели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. На денешната стручната расправа, во организација на Факултетот за безбедност-Скопје, таа посочи дека системот на социјалната заштита обезбедува поддршка за бездомните лица преку обезбедување на потребната документација за остварување на парични права од социјална заштита, како и привремено сместување во Центар за бездомни лица. Меѓутоа, тие мерки не се доволни за излегување во пресрет на проблемите со кои се соочуваат бездомните лица.
Со нови знаења и вештини до работа и егзистенција
Проактивноста на општините е од особена важност затоа што на тој начин социјалните услуги можат да се доближат до граѓаните на локално ниво. Министерството за труд и социјална политика подготвува закон за социјалните претпријатија, со цел лицата во ризик од социјална исклученост да се стекнат со нови квалификации, компетенции, знаења и вештини преку обука и работа, со цел полесен пристап до пазарот на труд.
Бездомниците се категорија која не е исклучок само за една држава. Напротив, сите држави во регионот и во цела Европа и најбогатите и најсовремени држави се соочуваат со овој предизвик. Во Скопје постојат неколку пункта каде се сместуваат и згрижуваат бездомните лица. Екипите на Црвен крст се во постојан контакт со нив, со цел да им се пружи неопходната помош и поддршка.
„Целта е да се постигне нивна ресоцијализација и повторно враќање во нормалниот систем на државата. Имаме доста успешни приказни во изминатите 15 години, повеќе од 15 лица се реинтегрирани со поддршка на центрите за социјална работа и со локалната самоуправа. Поголемиот дел од овие лица имаат неоформено образование и исто така се соочуваат со одредени правни проблеми во делот на нивната документација. Не треба да ги гледаме бездомниците со сожалување, треба заедно да направиме секој човек во ризик повторно да си го заштити својот интегритет“,вели Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот крст на град Скопје.