Зеленски: Путин мора да одговара за злосторствата пред суд
4 мај 2023„Мора да постои надлежност за овие злосторства, а тоа е можно само преку специјален трибунал. Руската инвазија отвора потреба од огромна правна обработка на злосторствата. Агресорот мора да ја почувствува целата моќ на правдата, тоа е наша историска одговорност“, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски пред дипломатите при својата посета на Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг.
И ЕУ и САД веќе пледираа за формирање специјален трибунал пред кого што Русија ќе одговара за своите извршени злосторства, но остануваат низа неразјаснети практични прашања околу легитимацијата на таков суд. Според досегашните размислувања, можно е тоа да биде направено преку група држави или тој да биде одобрен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации.
Дефиницијата „злосторства извршени при агресорски напад“ е прифатена во 2010 година во т.н. Римски статути на Меѓународниот кривичен суд и ги опфаќа агресорските војни. Но, Меѓународниот кривичен суд не може да ги истражува обвинувањата за агресија, зашто Русија ги нема ратифицирано Римските статути.
Меѓународниот суд на правдата веќе врши истраги во рамките на сомневањата за извршени воени злосторства во војната во Украина. Дел од нив се сомневањата за киднапирање на украински деца и нивна депортација во Русија и во окупираните украински територии, поради што Судот во март издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и на комесарката за заштита на детските права, Марија Лвова-Белова.
Холандија ја поддржува Украина како финансиски, така и воено од самиот почеток на руската агресорска војна во февруари 2022.
Зеленски денеска е во Холандија во своја прва посета по почетокот на војната, каде се сретна со холандскиот премиер Марк Руте.